| четврток, 6 декември 2018 |

Компанијата „Ламија“ виновна за авионската несреќа на Чапекоенсе

Авионската компанија „Ламија“ е виновна за несреќата во која загинаа најголем дел од фудбалерите на Чапекоенсе, е заклучок по спроведената истрага на министерството на јавна управа на Боливија. Кобниот лет на бразилската екипа се случи на 29 ноември пришто животот го загубија вкупно 71 лице. Клубот од Шапеко патуваше во Меделин на финале против Атлетико Насионал во Копа Судамерикана, јужноамерикански пандан на Лига Европа на УЕФА. Падот на авионот го преживеаја шест патници и членови на екипажот.

„Доказите се јасни. Одговорноста за несреќата ја сносат компанијата и пилотот на авионот“, рече боливискиот министер Милтон Кларос.

Колумбиските истражители претходно излегоа со став дека компанијата ги прекршила прописите за минимално количество на гориво што и доведе до несреќата. Кога авионот останал без гориво се урна на 60-тина километри пред крај на летот.

Министерот Кларос најави и кривична пријава за Селија Кастедо, еден од челниците на аеродромот во Санта Круз де ла Сиера, која издала дозвола за лет иако знаела за финансиските проблеми на компанијата што штедела на гориво. Кастедо, веднаш по несреќата, пребега од Боливија во Бразил во потрага по азил.

Директорот на „ЛаМиа“, Густаво Варгас Гамбоа и неговиот син Густаво Варгар Вилјегас, поранешен службеник во боливиската агенција за цивилно воздухопловство, се наоѓаат во притвор во очекување на почеток на судскиот процес. Ко-сопственикот на агенцијата, Мигел Квирога, кој беше пилот во кобниот лет, го загуби животот во падот на авионот.

Компанијата „ЛаМиа“ објави дека на секое од семејствата на загинатите ќе исплати компензација од 165.000 долари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top