Адриjан ван дер Флиер е Холанганец, кој во Македонија живее веќе 25години. Одушевен од убавините на земјата, љубезниот народ и од можноста за просперитет и за квалитетен живот, тој решава да се пресели од земјата на цвеќето и да живее овде. Неговиот дом е во Кучково, Ливада. Таму, како што открива за „Република“, има изградено своја куќа од камења во стар македонски стил. Посетил многу места во земјава, а за македонските планини вели дека се вистински бисер на Македонија. Негова желба е да инвестира во селски туризам и до крајот на својот живот да остане да живее овде
Кога првпат дојдовте во Македонија?
Ван Дер Флиер: За Македонија знам уште од шеесеттите години, кога заедно со мојата фамилија бев на одмор во Задар и таму запознав група девојки од Кавадарци, Македонија. Една од девојките беше многу убава и интересна додека разговаравме, поради што подоцна станавме добри пријатели и го задржавме нашиот контакт. Во 1981 година ја посетив Македонија првпат, поради инвестиција во бизнис со мебел. Од 1988 година до 1991 година го имав посетено Скопје повеќе пати. Во 1991 година, со распадот на Југославија и со соборувањето на комунистичкиот режим, решив да се преселам во Скопје и водекември 1991 година, дефинитивно, се преселив во Скопје. Видов просперитет, нови промени и можности за убав и квалитетен живот.
Доаѓате од земја што има различна култура, различни навики и поинаква традиција од македонската. Како се приспособивте на начинот на живот овде?
Ван Дер Флиер: Воопшто не ми беше тешко. Цел живот патувам поради деловни обврски. Секогаш уживав да склучувам бизнис со ориентални партнери, а Македонија е портата кон ориентот, и тука пристапот е повеќе ориентиран кон создавање, а не само кон материјалното, како во Западна Европа. Не знам зошто, но јас никогаш не се почувствував како странец овде, мислам дека многу брзо се адаптирав. Според мене Македонците имаат поголем проблем со мене, отколку јас со нив. Јас сум типичен Холанѓанец, јасен во моето размислување, сѐ кажувам јасно и кога сакам, мразам коруптивност и непотизам. Ретко ја држам устата затворена.
Што мислите? Дали Македонецот подава рака кога му е потребна помош на човек што доаѓа од друга држава?
Ван Дер Флиер: Јас мислам дека тоа е најголемиот квалитет на македонскиот народ. Секогаш безусловно нуди помош кога е потребна. Јас имав голема помош, посебно во првите десет години од мојот живот овде.
Сте ја истражиле ли Македонија?
Ван Дер Флиер: Го имам посетено речиси секој агол во Македонија во последниве 25 години. Од пред една година со сопругата и со моите две кучиња живеам во Кучково, Ливада. Таму изградив нова куќа од камења во стар македонски стил. Живеам на 700 метри надморска височина, во место со совршен чист воздух. Еднаш во неделата одам во Скопје. Редовно секое утро правам пријатни прошетки со мојата сопруга во убавиот регион околу Кучково. И, секако, ги завршувам моите обврски во градината и во домот.
Што мислите, кои се најубавите места што треба да се посетат во Македонија?
Ван Дер Флиер: Скопје е сега многу интересно за посета, посебно со новиот изглед на градот. Ти дава мотивација да дознаеш нешто повеќе за историјата на земјата. Многу ми се допаѓа. Охрид, исто така, многу ми се допаѓа. Но ако живеете овде треба да се потрудите да видите колку што можете повеќе. Малите планински села на истокот и на западот, регионот меѓу Кратово и Свети Николе. Кратово како архитектонски белег на Балканот е многу интересен град. Во централна Македонија планините се апсолутен бисер на природата.
Дали Ви се допаѓа македонската традиционална кујна?
Ван Дер Флиер: Македонската храна е одлична. Мојата сопруга е специјалист во приготвување турли-тава и чорба и, секако, на неколку традиционални македонски слатки. Моето хоби е готвењето. Многу ја сакам италјанската кујна, кинеско-индонезиската. Во зима многу сакам на моите пријатели од Македонија да им приготвувам и холандски специјалитети, ги обожуваат.
Ви недостига ли Вашата родна земја?
Ван Дер Флиер: Не. Моето срце е во Кучково. Кога сум во Холандија таму сум со моите тројца синови и пет внуци, тогаш чувствувам дека сѐ е мое, но не и мој дом. Мојот дом е Македонија и по три дена поминати надвор од оваа земја јас сакам да се вратам дома.
Кои се Вашите планови, останувате ли да живеете во Македонија?
Ван Дер Флиер: Имам идеја за селски туризам; би сакал да купaм стари руинирани и напуштени селски куќи и да ги реконструирам во истиот стил и да се користат како хотели за странски туристи. Да купиме куќи заедно со инвеститор и да ги вклучиме и сопствениците на куќите, па и тие да добијат профит, а можеби и работа во хотелот. Работам на тоа да се направи целосна презентација за инвеститорите. Ќе останам во Македонија до мојата смрт.
Пишува: К.Н.К.
(Текстот е објавен во 225 бр. на Неделникот Република)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Виолета Џолева, режисерка: Со првиот мјузикл за деца сакам да им се заблагодарам на маестро Џамбазов и на Оливера Николова
-
Бислимовски: РКЕ нуди четири цени на нафтените деровати, но трговците секогаш ја избираат највисоката
-
Тарик Филиповиќ: Жив актер на сцената сѐ уште е мамка за луѓето да доаѓаат во театар
-
Аница Добра, актерка: Навистина ја имам најдобрата професија на светот!