| четврток, 6 декември 2018 |

Фељтон: Создавањето на Македонската револуционерна организација (МРО) и преглед на нејзината структура

Во почетокот на XIX век, во Македонија почнува борбата за културна и црковна еманципација, период познат уште и како македонска преродба. Некои од најзначајни- те дејци од ова време се Кирил Пејчиновиќ, Јордан Хаџи Константинов - Џинот, Пар- тениј Зографски, Константин и Димитар Миладинови, Ѓорѓи Пулевски, Григор Прличев и други. Сите овие, генерално, преку своите дела се обидувале да допрат до македонски- от народ за тој да не ги заборави своите корени, но истовремено и да им докажат на странските агитатори и пропагатори дека се посебни и различни од нив. Ова покажува дека кај македонскиот народ постоел извесен степен на свесност, што ќе дојде до израз кон крајот на XIX век, со основањето на Македонското студентско друштво (МСД), Младата македонска книжовна дружина (ММКД) и Македонската револуционерна организација (МРО)

Младите Македонци за да се здобијат со високо образование, морале да ја напуштат својата татковина и да заминат, најчесто во Белград или Софија. Тоа се должи на фактот што Егзархијата постепено навлегувала во сите пори на општествениот и културен живот во Македонија, па учениците што го искажувале гласно своето мислење, или биле исклучувани од егзархиските гимназии или, пак, сами заминувале. Таков е случајот и со Петар Поп Арсов, кој се побунил против големобугарската политика наложена преку Егзархијата, па како последица на тоа бил исклучен од Солунската гимназија. Но, тоа не значи дека ситуацијата во Белград и во Софија била подобра. Таму младите студенти се соочувале со истиот проблем.

arhiv225-fevruari-c-na-atanas-murzev-160x120-copy

Кон крајот на 1890 година, во Софија се формирало Македонското студентско друштво (МСД), со јасно предвидени цели, а во него учествувале Петар Поп Арсов, Даме Груев, Никола Наумов, Димитар Мирчев и други. Поради сплет на околности, ова Друштво ја прекинало својата активност во март 1891 година. Сепак МСД ќе претставува основа за создавањето на Младата македонска книжовна дружина (ММКД), истата 1891 година, во која се вклучиле и некои од припадниците на друштвото. Во јануари 1892 година, ММКД ќе го објави првиот број од својот орган – списанието Лоза, по кое припадниците на дружината ќе бидат наречени и „лозари“. Дека дружината била сериозна, покажува и фактот дека таа имала Устав, објавен во Лоза, од каде што се гледа целта и стратегијата на нејзините претставници. Сепак, „Лоза“ и ММКД стануваат трн на бугарската влада, која веќе во 1892 година ќе го забрани списанието, а на тој начин престанува работата и на дружината.

arhiv225-mart-c-na-vasil-azdilarski-160x120-copy

Но, младата македонска интелигенција не застанала тука и отишла чекор понапред основајќи ја Македонската револуционерна организација, која претставува врв во националноослободителната борба на македонскиот народ. Шестемина – Дамјан Груев, Петар Поп Арсов, Иван Хаџи Николов, Андон Димитров, Христо Татарчев и Христо Батанџиев, во 1893 година, по игра на судбината, се нашле во Солун. Сите тие имале желба да ја видат Македонија слободна и носејќи се од таа желба, на 23 октомври / 4 ноември 1893 година одржале состанок, кој, всушност, бил и основачкиот состанок на МРО.

arhiv225-04-april-cetata-djakon-evstatij-160x120-copy

Конечното конституирање на МРО станало на 5 јануари 1894 година, кога бил одржан уште еден состанок, на кој станало збор за името, целта и за поставеноста на Организацијата. Така, Организацијата се конципирала под името Македонска револуционерна организација (МРО), на чело со Централен македонски револуционерен комитет (ЦМРК), за чиешто седиште бил избран градот Солун. Централниот комитет го сочинувале основоположниците на МРО, а негов претседател станал Христо Татарчев, додека благајник и секретар бил Даме Груев.

arhiv225-05-maj-cetata-na-boris-sarafov-160x120-copy

Заради политичката констелација, како на Балканот така и во Европа, македонските револуционерни решиле целта на Организацијата да биде реализација на членот 23 од Берлинскиот договор, односно автономија на Македонија. Ова се чини како најбезболно решение бидејќи се задоволува барањето на европските сили за статус кво на Балканот, а, од друга страна, не им се боде в очи на гладните соседи, кои упорно ја ширеле својата пропаганда делејќи го македонскиот народ. На Петар Поп Арсов му била доверена задачата да подготви нацрт-устав за Организацијата, а, исто така, и да напише брошура, именувана како „Стамболовштината во Македонија“, со која ќе ја разоткрие бескрупулозната политика на Бугарија кон Македонија, водена од нејзиниот премиер Стефан Стамболов.

arhiv225-06-juni-cetata-na-donco-lazarov-160x120-copy

Првиот Устав на МРО бил изработен по терк на Уставот на Бугарскиот централен револуционерен комитет, но не може точно да се одреди кога бил прифатен бидејќи, пред сѐ, податоците се базираат на мемоарската литература, па се остава простор за одредени неточности. Самиот тој содржел 14 члена, групирани во четири глави и со него се регулирале сите прашања што ја засегале Организацијата. Покрај Уставот, МРО изработила и Правилник, кој бил составен од 50 члена поделени во 11 глави, а се однесувал на месните комитети.

Откако била јасно одредена структурата на Организацијата, се преминало на регрутирање на нови членови и ширење на мрежата, како во Македонија, така и надвор од неа. Така првиот комитет на МРО во Македонија бил тој во Кавадарци, по заслуга на Даме Груев, кој лично излегол на терен. За ширењето на МРО придонело и Ресенското советување, кое првично се однесувало на Битолскиот вилает, но од донесените одлуки јасно се гледа дека ја засегало целата Организацијата. Така покрај Солун, како центри од кои се ширела револуционерната мисла, бргу се издигнале Битола и Штип, додека во Солунскиот вилает водел Кукуш. Мрежата на МРО до 1896 година, постепено се разгранувала и опфаќала широки размери, членството се зголемувало и тука може да се вбројат Иван Минчев, Атанас Мурџев, Туше Делииванов, Христо Влахов, Гоце Делчев, Пере Тошев, Ѓорче Петров и многу други. На тој начин, Организацијата можела и финансиски да јакне, пред сѐ, преку донации од населението, додека почнало и директно барање на средства. Револуционерните идеи се ширеле и преку неделното училиште основано во Солун, преку црквите, а постепено се преминало и на набавка на оружје. Основањето на комитети продолжувало со сѐ поголем интензитет и тие многу бргу биле формирани во Воден, Гуменџе, Ениџе – Вардар, Гевгелија, Струмица, Мелник и други градови, секако и во околните села.

arhiv225-07-juli-cetata-na-gorce-petrov-160x120-copy

Но, работата на Организацијата не можела да оди лесно и подмачкано бидејќи на прво место тука била Егзархијата, како и нејзините приврзаници, па припадниците на МРО морале вешто и тактички да дејствуваат. Тие уште на почетокот биле свесни за проблемите што би можеле да ги имаат, за што јасно говори и споменатата брошура на Поп Арсов. Понатаму следувал Македонски комитет (МК), формиран на 29 декември 1894 година во Софија од македонските емигранти, подоцна (декември 1895 година) преименуван во Врховен македонски комитет (ВМК), кој се обидувал да се наметне над Организацијата. Преку инфилтрирање на бугарски елементи во Македонскиот комитет, тој станал орудие на бугарските власти, настојувајќи да создаде раздор во редовите на МРО. Проблемите што ги создавал Врховниот македонски комитет, но и ширењето на мрежата, се покажале како важни прашања за Организацијата, па од тие причини бил свикан Првиот конгрес, кој се одржал во Солун, пролетта 1896 година.

На овој конгрес учествувале петнаесетина души и заседавал неколку дена, додека донесените решенија што ги засегале сите сегменти на Организацијата, биле мошне важни и го одредувале правецот на револуционерното движење во Македонија. Имено, меѓу прашањата што биле поставени на Конгресот биле и тие што се однесувале на централизацијата, односно децентрализацијата на Организацијата, односот кон пропагандите, ставот на МРО кон ВМК и проегзархиски настроените елементи во Македонија, потоа прашањето за нов Устав и Правилник и други.

arhiv225-08-avgust-cetata-na-gorgi-sugarev-160x120-copy

Конечниот исход се состоел во ново име на Организацијата, а тоа е Тајна македонско-одринска револуционерна организација (ТМОРО), поделена на седум окрузи, кои директно комуницираат со Централниот комитет, како и нов Устав и Правилник, изработени од Делчев и од Петров во 1897 година. Исто така, бил разгледан односот кон ВМК, за што било решено да не се прекинува контактот со него, бидејќи материјалната поддршка била важна за ТМОРО, но колку што е можно повеќе да се оддалечи од работата на Организацијата. Па за таа цел, кон крајот на 1896 година се формирало Задгранично претставништво, чијашто задача била да ја заштити Организацијата однадвор, при тоа не мешајќи се во работата на ВМК. Секако дека ставот кон пропагандата бил очигледен, односно борбата против нив продолжува, настојувајќи да се спречи нивното натамошно ширење.

Сето ова укажува на фактот дека Организацијата значително созреала и била способна да се носи со сите пречки, кои ја следеле од нејзиното основање, во 1893 година. Иако на Солунскиот конгрес е решено да се приклучи и Одринско, македонскиот карактер на револуционерното дело е јасен и непобитен. Пред сѐ, тоа се одразува во борбата со разните пропагатори и ВМК, кои се обидувале на Организацијата да закачат етикети, првенствено бугарски, но од делата и постапките на македонските револуционери се гледа патот по кој се движела таа. Односно целта била со сопствени сили, преку востание, да се дојде до посакуваното – слободна татковина.

arhiv225-09-septemvri-cetata-na-petar-caulev-copy

По две години од завршувањето на илинденската одисеја, процесот на реформи на ТМОРО е заокружен со општ конгрес – Рилскиот конгрес. Откако биле обезбедени соодветни услови, делегатите во септември 1905 година заминуваат за Софија. Тука подготовките финишираат и договорено е општиот конгрес да се одржи во Рилскиот манастир, па оттаму го добива и името Рилски. Така, во октомври 1905 година, почнува со работа Рилскиот конгрес. Заседанијата траеле еден месец, а учествувале дваесет и два делегата, од петте македонски окрузи и Одринскиот. За претседател е избран Дамјан Груев, додека секретар бил Илија Балтов. Исто така, се формирала комисија, со задача да испечати еден циркулар во внатрешноста, со извадоци од поважните општи решенија, како и објаснувања и толкувања на Правилникот за раководството. Комисијата ја сочинувале Даме Груев, Ѓорче Петров, Пере Тошев и Ѓорѓи Поп Христов.

На дневниот ред биле поставени седум точки за дискусија и тоа:

1. Минатата дејност и сегашната состојба на Организацијата по окрузи и околии;
2. Идната дејност на Организацијата;
3. Устројството и управувањето на Организацијата: а) административен оддел, б) судски, в) финансиски, г) културно – економски;
4. Литература и печат;
5. Односот и поведението на Организацијата кон разните струења: а) кон сите пропаганди (легални и вооружени), б) кон бугарскиот државен национализам и Егзархијата, в) кон врховистите, емиграцијата и општеството во Бугарија, г) кон одделни организациони групи, во и надвор од самата Организација;
6. Тактика на Организацијата;
7. Отчет за дејноста на Централниот комитет и на Задграничното претставништво.

arhiv225-10-oktomvri-cetata-na-slavejko-arsov-160x120-copy

Самата Директива и Проект-правилникот од 1904 година, индицираат на нов Устав и Правилник на Организацијата, која воедно го менува своето име од Тајна во Внатрешна македонска одринска револуционерна организација (ВМОРО). Новиот Устав е поделен на пет глави, со вкупно 18 членови. Првата глава во своите два члена ја објаснува целта на ВМОРО, додека средствата за нејзино постигнување се содржат во втората глава, односно во третиот член. Од членот 4 до член 15, или во третата глава спаѓаат составот и устројството на Организацијата. Новините во тој поглед може да се согледаат од членот 5, каде што се одредува кој сѐ е погоден да се приклучи. Старата структурата на ВМОРО е задржана, но уредена по принципот: „Околиските, Окружните и Централниот комитет си имаат соодветни печати“ (член 14). Тоа значи дека централизираноста е оставена во минатото и се заменува со широка децентрализација. За финансиите и судските дела и спорови се формираат соодветни институти (член 9 и 10), а се потврдува и постоењето на четничкиот институт (член 13), за кој постои посебен Правилник. Глава четири објаснува како се прибираат материјалните средства (член 16), а петтата се однесуваат на казните (членот 17; членот 18 е најава за детален Правилник). Правилникот има 216 члена, поместени во 15 глави, во кои до најситен детаљ е разработена и објаснета целата структура на ВМОРО и воопшто нејзината програма. Треба да се нагласи дека и двата документа не се разликуваат многу од претходните, но се дополнети и дообработени, што соодветствува со новонастанатите услови во Организацијата и во Македонија.

arhiv225-11-noemvri-cetata-na-vladislav-kovacev-160x120-copy

Мора да се спомене дека овие документи се однесуваат на македонското општество во целост и ги опфаќаат сите негови сегменти, што само ја потврдува целта на Организацијата – создавање посебна, независна македонска држава. Всушност таа и на еден начин веќе дејствува така. Се грижи за сите општествени гранки – за културата, просветата, стопанството, економијата, судството, војската (изразена преку четничкиот институт), меѓународните односи и така натаму. Тоа ја покажува посебноста на македонскиот народ, како и огромниот степен на свесност и јасниот знак за национална определба.

arhiv225-12-dekemvri-todor-aleksandrav-so-svoite160x120-copy

Бидејќи извесен период Организацијата функционира без Централен комитет, избран е нов, во состав Даме Груев, Тодор Поп Антов и Пере Тошев. Додека пак, Ѓорче Петров, Петар Поп Арсов и Димитар Стефанов го сочинувале новото Задгранично Претставништво, преименувано во Претставително тело. Сега имало посебни правила, според кои требало да се раководи ПТ и овој пат не се оставало простор за грешка, како што станало со Христо Матов и со Христо Татарчев, за време на настаните од 1902 и од 1903 година. Што е уште поинтересно, иако Матов и Татарчев не се избрани за делегати и не учествуваат во работата на конгресот, Борис Сарафов е дел од него. Меѓутоа, неговата мината активност, остава видливи траги, со сѐ уште чувствителни последици по Организацијата. Не случајно е побарано да му се суди. Па на конгресот, тој добива условна смртна пресуда. Улогата што ја има претходно, Сарафов го прави мошне авторитетна личност, која и покрај сите погрешни постапки и натаму има свои приврзаници . Потоа е договорено издавањето на органот на ВМОРО – револуционерен весник, за чијшто редактор е поставен Димо Хаџи Димов.

Покрај сите разгледани прашања, не било испуштено ниту тоа што ги определувало односите на ТМОРО (ВМОРО) со врховистите. Во таа насока се разгледувал и односот кон странската, сега и вооружена пропаганда, но и односот на големите сили кон Македонија, со посебен акцент на Мирцштегските реформи.

 

Текстот е објавен во 225 број на неделникот „Република“, 23 декември 2016 година

Во соработка со Државен архив на Република Македонија
Стручен консултант: Д-р Филип Петровски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top