На проблемите на МЗТ Скопје со повредени играчи, дефинитивно, им нема крај откако Марко Симоновски отпадна од комбинација за настап против Партизан. „Металците“ денеска патуваат за Белград, а на листата на патници го нема одличниот шутер поради болест.
Македонскиот репрезентативец прво го пропушти утринскиот тренинг поради истоштеност, но набрзо потоа неговата здравствена ситуација дополнително се влоши поради што мораше да замине на лекар, каде што му беше утврдена силна вирусна инфекција со драстично зголемена температура и треска. Лекарската препорака беше итна инфузија и неколкудневно мирување во домашни услови поради што стручниот штаб реши да не ризикува и донесе одлука кон српската престолнина да замине без болниот Симоновски, делумно и како превентива истото да не се префрли и на останатите кошаркари.
Ова е само дополнителен удар за десеткуваниот тим со кој располага Назор, во кој на претстојната средба со белградските „црно-бели“ нема да настапат Даниел Кларк (повреда) и Ксавиер Темс (семејна трагедија).
Местото на Симоновски во составот на МЗТ Скопје Аеродром ќе го пополни талентираниот Мартин Милевски, и тоа првпат во АБА-лигата сезонава.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.