Додека во Германија сè уште трае потерата по Анис Амри, 24-годишниот Тунижанец што го изврши терористичкиот напад во Берлин, многу информации укажуваат на пропусти на германските, италијанските и на американските служби.
Според „Њујорк тајмс“, Амри е на листата на кои им е забранет влез во авионите во САД. Американските безбедносни служби го имале „на радар“ и го следеле неговото движење преку интернет.
Тие забележале дека Амри најмалку еднаш бил во контакт со ИСИС преку интернет, преку апликацијата „Телеграм месинџер“, но и дека истражувал како се прават експлозивни направи.
Претходно е соопштено дека Амри го привлекол вниманието на германската антитерористичка полиција. Медиумите во Германија се прашуваат како е можно да се допушти смртоносниот напад во Берлин?
Пред да појде во Германија, Амри издржувал четиригодишна затворска казна во Италија заради подметнување пожар. Од затворот е пуштен бидејќи не било возможно да се депортира во татковината, пренесоа италијанските медиуми.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.