| четврток, 6 декември 2018 |

Граѓаните ја добија битката со извршителите: Нема веќе блокирани сметки за комунален долг

За заостанатите долгови за комунални услуги на граѓаните до лимитираните суми извршителите ќе наплатуваат само толку колку што пишува на сметките, без да ги додаваат трошоците од сите претходни постапки, како оние за нотар, адвокат, судска такса, за присилна наплата... со што тие стануваат неколкукратно повисоки

smetki-dolgovi-2

За наплатата на заостанатите сметки за вода, ѓубретарина, одржување на заеднички простории во колективни згради, кабелска телевизија и телефон до 2.000 денари и за струја и парно до 6.000 денари, од 1 јануари 2017 година, граѓаните веќе нема да им плаќаат на извршителите. За 10 дена почнува примената на новиот Закон за извршување со кој овие долгови на домаќинствата и понатаму ќе ги наплатуваат извршителите, но без судски налог. Тоа ќе овозможи должниците да плаќаат само толку колку што пишува на сметката, а не неколкукратно повисока сума во која се собрани трошоците од сите претходни постапки до извршувањето, како оние за нотар, адвокат, судска такса, за извршител и други.

Овој нов модел на наплата на долговите за комунални услуги на граѓаните до одредените вредности предвидува комуналните претпријатија пред започнување на постапка за донесување на решение со кое се дозволува извршување врз основа на веродостојна исправа, да поднесуваат барање за вонсудска наплата на долг. При таквиот начин на наплата извршителите ќе ги известуваат должниците колку и кому должат и ќе им дадат рок од 15 дена да платат. По исклучок, може да се договори и подолг рок во кој долгот ќе може да се наплати онолкав колкав што е, без други надоместоци. Извршителот има обврска да го информира должникот со какви трошоци ќе соочи и какви постапки ќе се поведат доколку не го плати долгот во дадениот рок, односно ако вонсудската наплата е неуспешна.

Кога должнинот ќе го намири долгот во дадениот рок, ќе плати само толку колку што пишува на сметката, со мала надокнада за ангажманот на извршителот. Во спротивно, ќе се поведе постапка за присилна наплата која е далеку поскапа. Редовна постапка за донесување на решение со кое се дозволува извршување врз основа на веродостојна исправа, наместо вонсудска ќе се поведе и ако долговите за кои се бара извршување ги надминуваат предвидените суми, односно ако сметките за вода, ѓубретарина, куќен совет, кабелска телевизија и телефон поединечно се повисоки од 2.000 денари, а за струја и за парно надминуваат 6.000 денари.

 

Од почетокот на идниот месец, исто така, извршителите нема да смеат да блокираат сметки на должници без да информираат. По информацијата каде и што должи, на должникот ќе му се дадат три дена за да ги намири сметките.

 

Целиот текст прочитајте го на Вечер.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top