Нападот во Берлин мора да се гледа како терористички чин, а посебно е одвратен ако е изведен од некој што е прифатен како мигрант, изјави Ангела Меркел.
„Шокирани сме и многу тажни поради суровиот и неразбирлив чин. Сепак, Германија нема да живее парализирана од стравот од злото“ – изјави канцеларката.
Во првото обраќање по нападот во кој настрадаа 12 луѓе и уште 48 се повредени, Меркел изјави дека казната ќе биде највисоката можна. Таа изјави дека има голем број на повредени кои се уште се борат за живот.
„Малку работи знаеме со сигурност, но со оглед на информациите, мораме да претпоставиме дека е во прашање терористички напад. Знам дека за сите нас би било тешко ако се потврди дека напаѓачот е човек кој барал азил во Германија“ – изјави Меркел.
Канцеларката додаде дека тоа би било посебно одвратно, бидејќи многу Германци секој ден беа посветени на помагање на бегалците.
„Исто така, тоа би било одвратно и поради многуте на кои нашата помош им е вистински потребна и кои сакаат да се интегрираат во нашето општество“ – изјави Меркел.
Таа демантираше дека ваквиот напад ќе ја натера да ја смени политиката кон бегалците.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.