Капитенот на македонската кошаркарска репрезентација и еден од најдобрите играчи на Реал Бетис, Војдан Стојановски од недела во недела бележи сѐ подобри настапи во шпанското првенство. Во интервју за „Република“ тој открива како е секоја недела да се настапува во најсилната кошаркарска лига во Европа, говори за неговите очекувања од репрезентацијата, но и за тоа како неговите двајца браќа му влијаеле во кариерата.
Веќе втора година настапуваш во шпанското кошаркарско првенство. Какво е чувството од недела во недела да се игра во најсилната лига во Европа, да си ги одмеруваш силите со еден Реал М. и Барселона и во што се разликува од германската лига?
– Чувството е одлично и не е воопшто лесно затоа што половина од екипите тука настапуваат или во Евролигата или во Еврокупот. Нема никакво отпуштање за Реал Бетис затоа што притисокот е огромен покрај толку силни екипи во АЦБ лигата, каде што секој може секого да победи. Разликата меѓу германската и шпанската лига е во тоа што тука се игра многу побрза кошарка.
Самиот нагласи дека од тимот на Мора Банк Андора сакаш да преминеш во поконкурентен клуб со поголеми амбиции, па отиде во Бетис. Кои се целите на клубот за оваа сезона?
– Целта на Реал Бетис оваа сезона е да направиме што е можно поголем резултат затоа што сега сме под фудбалскиот тим на Бетис и ова е еден процес на подолг рок. Од година во година амбициите на тимот растат и се очекува што подобар успех секоја следна сезона.
Од домашното првенство, Србија, преку Украина, Германија, сега настапуваш во шпанската лига. Со веќе богата интернационална кариера зад себе, кои се целите и желбите на клупско ниво што ги имаш поставено пред себе?
– Јас сум многу задоволен со тоа што сум го постигнал досега знаејќи од каде почнав. Секако, секогаш може да се напредува, а желбата ми е да играм што подобро и да направам колку што е можно поголем успех со клубот. Никогаш не гледам предалеку и одам чекор по чекор.
Изминатиот викенд ги добивме противниците за претквалификациите за Светскиот куп 2019, а тоа се репрезентациите на Косово и на Естонија. Кои се твоите очекувања од овие дуели и иако има уште доста време до турнирот во Кина, дали според тебе може да се надеваме на борба за настап на ова големо натпреварување?
– Секако дека може да се надеваме на успех. Пред сѐ да бидеме здрави сите и со една добра организација и добри подготовки не би требало да имаме проблем. Видовме сите летово дека нема слаба репрезентација, дека денес сите играат добра кошарка.
Репрезентацијата минува низ смена на генерации. Голем дел од играчите со кои го остваривте големиот успех во 2011 година и кои повеќе години беа едни од главните носители на играта веќе не се во тимот. Каква е иднината на македонската кошаркарска репрезентација?
– Имаме голема промена на генерацијата, но во претходната генерација имаше само тројца странци во македонската лига кога израснуваа во носители и затоа треба да се промени ова што денес се случува со странците во Македонија, ако мислиме за доброто на кошарката за да имаме во иднина многу поквалитетна репрезентација.
Македонската кошарка минува низ бурни времиња, домашното првенство започна со задоцнување, а иако си во Шпанија, сигурно не те заобиколуваат овие информации. Кој е твојот коментар за состојбите во македонската кошарка?
– Следев сѐ што се случуваше и добро е што тоа сега е надминато и што лигата почна.
Постариот брат Огнен и твојот брат-близнак Дамјан, исто така, професионално се занимаваат со кошарка. Колку ривалството со нив те направи подобар и ти помогна во твојот развој?
– Сигурно дека ме направи подобар играч затоа што секогаш ние како браќа се натпреварувавме меѓу себе, дали е тоа баскет еден на еден или шут за три поени. Што и да сме играле завршувало со многу карање затоа што никој не сака да губи.
Од уличните терени во Ново Лисиче и школската сала во ОУ „11 Октомври“, стигна до Евролигата и капитенската позиција во репрезентацијата. Кој е твојот рецепт за успех и што беше неопходно за да се оствари спортскиот сон?
– Нема многу филозофија за успех, потребно е многу напорно тренирање и посветеност, максимално залагање за тоа што сакаш да го работиш, без разлика дали е тоа кошарка или што било друго. Секако дека е потребна и доза среќа и голема жртва за да се постигне успех.
(Интервјуто со Војдан Стојановски е објавено во 224. број на неделникот Република кој излезе од печат на 16.12.2016 година)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Виолета Џолева, режисерка: Со првиот мјузикл за деца сакам да им се заблагодарам на маестро Џамбазов и на Оливера Николова
-
Бислимовски: РКЕ нуди четири цени на нафтените деровати, но трговците секогаш ја избираат највисоката
-
Тарик Филиповиќ: Жив актер на сцената сѐ уште е мамка за луѓето да доаѓаат во театар
-
Аница Добра, актерка: Навистина ја имам најдобрата професија на светот!