Издавачката куќа „Прозарт медиа“ и Турскиот културен центар „Јунус Емре“ на 15 декември, во 19.30 часот, во хотелот „Буши“ во Старата скопска чаршија, организираат промоција на романот „Лалето на Истанбул“ со ексклузивно гостување на турскиот писател, колумнист и професор Искендер Пала, еден од најистакнатите турски писатели на денешницата.
Искендер Пала е познат како „човекот што прави да се засака диван поезијата“. Од граѓаните на неговиот роден град е избран за „Народен херој на Ушак“. Неговиот роман „Смрт во Вавилон, љубов во Истанбул“ е продаден во тираж од стотина илјади примероци и е многупати награден. Турскиот завод за патенти го регистрира Искендер Пала како име на бренд. Во 2013 година ја добива Големата претседателска награда за култура и уметност во полето на литературата.
Промотори на книгата „Лалето на Истанбул“ се академик Луан Старова и проф. д-р Александар Прокопиев. Авторот ќе потпишува примероци од книгата на турски и на македонски јазик. Книгата „Лалето на Истанбул“ од турски на македонски јазик ја преведе Анета Матовска.
Сместена на крајот на Ерата на лалињата пресвртна точка во отоманската историја, кога меѓународните граници биле променети, а општествените поделби се влошувале преку испадите на расипништво кај аристократијата и зголемувањето на сиромаштијата меѓу масите, туркајќи го Истанбул кон немири и бунт, ова е динамична приказна за двајца млади луѓе коишто, во нивната потрага по љубов, се обидуваат да ја решат мистеријата на едно брутално убиство и да го вратат непроценливото лале.
Приказната во романот „Лалето на Истанбул“ е ткаена со историски и културни детали, запознавајќи го читателот со животот во кралските палати и куќичките на дервишите, со хортикултурните тајни, со иновативните третмани за лекување на лудило, со справите за мачење и со заговорите испилени во кафеаните и амамите од страна на нелојални револуционери и бандити. Искендер Пала создава маѓепсувачка таписерија на сјајот и пороците на Истанбул, во време кога светот, сѐ уште, бил под власта на неговите воени, политички и уметнички достигнувања.
Искендер Пала е роден во Ушак во 1958 година и го завршува Факултетот за литература на Истанбулскиот универзитет во 1979 година. На истиот универзитет докторира на одделот за османлиска диван литература (1983) каде станува доцент (1993) и професор (1998). Со цел да ѝ ја приближи диван литературата на пошироката народна маса, пишува кратки приказни, есеи, академски студии и написи во весниците, кои биле инспирирани од класичната поезија. Семинарите и конференциите за диван литература што тој ги приредува се мошне посетени.
Искендер Пала ги добива: наградата на Здружението на турските писатели за јазикот (1989), наградата АКДТУК на Фондацијата за турски јазик (1990) и наградата за есеј на Друштвото на турските писатели (1996). Неговиот роман „Смрт во Вавилон, љубов во Истанбул“ е продаден во тираж од стотина илјади примероци и е многупати награден. Негови други дела се: „Лалето на Истанбул“, „Шахот и султанот“, „Пламен“, „Михмандар“, „Легенда“, „Помеѓу две битки“, „Книга за љубовта“, „Лејла и Меџнун“, „Четириесеттата порта“… Оженет е и татко на три деца и сè уште е дел од наставниот кадар на Универзитетот во Ушак, известија од „Прозарт медиа“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Промоција на романот „Манастир Фуентерабија“ од Јагода Михајловска-Георгиева во Библиотеката „Браќа Миладиновци“
-
„Бележникот на татко ми“ од најтиражниот писател од Холандија – Кадер Абдолах
-
Смртна казна за познат писател на крими-романи: Злосторството го прераскажал во роман
-
„Антолог“ ја објави книгата „Лисица“ од Дубравка Угрешиќ