Изборите во Македонија се важен чекор во решавање на постојната политичка криза во земјата, порача денеска германскиот шеф на дипломатијата Франк Валтер Штајнмаер, јавува дописникот на МИА од Берлин.
– Вчерашните избори во поранешната Југословенска Република Македонија се важен чекор во решавање на постојната политичка криза во земјата. ОБСЕ која го следеше процесот со голем број на изборни набљудувачи и голема техничка поддршка информира за мирен изборен процес, се вели во изјавата на Штајнмаер дадена во Брисел, содржана во соопштението испратено од германското Министерство за надворешни работи.
Сега е важно владата да се формира брзо и таа да го искористи својот мандат да спроведе итни реформи. Во областите на владеење на правото, јавната администрација како и во слободата на медиумите и изразувањето на земјата и се потребни итни убедителни резултати. Специјалното Јавно обвинителство мора да биде во можност да продолжи со својата работа без пречки со цел да открие и да казни злоупотреба на моќ и власт, се вели во соопштението на германското МНР.
Според официјален Берлин ова е предуслов за граѓаните да ја вратат довербата во државните институции и единствен начин земјата повторно да се врати на патот на евроатланските интеграции.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.