Комеморативна седница за пејачката, текстописец, хуманитарка и советник во Град Скопје, Есма Реџепова-Теодосиевска, која почина во саботата по кратко и тешко боледување на 73-годишна возраст, денеска се одржа во салата на Советот на град Скопје.
Претседателката на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева, кажа дека денеска тука се оддава почит на кралицата на ромската музика, на националниот уметник, но и на една голема хумана личност, Есма Реџепова-Теодосиевска.
Скопскиот градоначалник Коце Трајановски кажа дека со голема тага се простуваме со Есма Реџепова-Теодосиевска, голем човек и многу позитивна личност и хуманист.
– Есма беше наша кралица на ромската и на македонската музика, но и кралица на хуманоста и една од најголемите претставници на Македонија во светот. Со голема тага можам да кажам дека загубивме голем човек и сакам да го изразам моето сочуство до нејзиното семејство – кажа Трајановски.
Уметникот и директор на Ансамблот за народни игри и песни на Македонија „Танец“, Зоран Џорлев, кажа дека Есма Реџепова-Теодосиевска беше врвен естраден уметник над 50 години, јубилеј што ретко кој може да го оствари.
– Таа беше неуморна на музичката естрада, како гласовен гениј од негуван во неприкосновен добродетел на врвна уметничка креација. Есма владееше со волшебниот клуч на комуникацијата, срцето, емоциите и страста, па така разгорени истите ги пренесуваше на публиката од Македонија, Балканот и од целиот свет. Таа со неподнослива леснотија ги интерпретираше ремек-делата на македонскиот и на ромскиот дух. Кралицата на ромската песна тоа го достигнуваше со маестралната изведба на гласот, нејзиниот глас излегуваше од дното на душата и со својата сила успеваше да ги расплаче и најтврдите срца – кажа Џорлев.
Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, и останатите присутни се потпишаа во книгата на жалост. Книгата на жалост ќе биде отворена за јавноста до среда, секој ден од 8.30 до 16.30 во холот на салата на Советот на град Скопје.
Есма Реџепова-Теодосиевска е родена во Скопје на 8 август 1943 г., а нејзината богата музичка кариера траеше над 55 години, во кои има одржано повеќе од осум илјади концерти, настапи на на повеќе од 15 јазици, а има издадено повеќе од 60 албуми. Во септември 2013 година беше одликувана со титула „Национален уметник на Република Македонија“ за нејзиниот децениски придонес за афирмација на Република Македонија во светот. За мисијата на врвен уметник и културен амбасадор на државата, таа во 2010 година од претседателот на државата Ѓорге Иванов беше одликувана и со „Орден за заслуги на Македонија“.
Есма Реџепова-Теодосиевска од граѓаните на Скопје 3 пати по ред беше избрана за член во Советот на град Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.