| четврток, 6 декември 2018 |

Игор Ангеловски: Градиме доверба во нашиот однос

Играчите во А репрезентацијата на Македонија повикани за селективниот камп денеска ги започнаа подготовките за двата контролни натпревари против фудбалерите селектирани во репрезентацијата до 21 година од Благоја Милевски.

Од првичниот список на селекторот Игор Ангеловски на подготовките и натпреварите нема да бидат присутни Ферхан Хасани од Шкендија кој поради повреда не настапи ниту за Шкендија на последниот натпревар од Купот на Македонија. Хасани се јави на денешниот прв собир, но по направените дополнителни медицински тестови одлучено е дека не може да се стави на располагање на тимот. Давид Бабунски поради клупски обврски во Црвена Звезда, исто така, нема да биде во комбинација за настап.

– Ова е нова можност младите играчи да покажат дека имаат квалитет да бидат во најдобриот тим и да докажат дека на нив можеме сериозно да сметаме во блиска иднина. Некој од нив веќе имаат настап во А репрезентацијата, но ова е убава можност да се собереме повторно и да градиме доверба во нашиот однос. Рековме дека нашата првична цел е да им дадеме шанса на младите играчи, а ова е еден од тие чекори. Се надевам дека ќе извлечеме многу позитивни работи од кампот и натпреварите кои ни следуваат, изјави селекторот на репрезентацијата Игор Ангеловски.

На списокот на селекторот Ангеловски за овој камп се следните играчи:

Голмани: Филип Гачевски (Вардар), Дамјан Шишковски (Работнички);

Одбрана: Мевљан Мурати (Шкендија), Егзон Бејтулаи (Шкендија), Кристијан Тошевски (Пелистер), Кире Ристевски (Вашаш, Унгарија), Висар Муслиу (Ренова), Дарко Велковски (Вардар);

Среден ред: Бојан Најденов (Работнички), Бесир Демири (Шкендија), Љупчо Дориев (Академија Пандев), Бобан Николов (Вардар), Душко Трајчевски (Работнички).

Напад: Бесарт Ибраими (Шкендија), Кире Маркоски (Работнички), Даниел Аврамовски (Црвена Звезда, Србија).

Првиот натпревар е во понеделник (12.12.2016) во 13:00 часот на теренот со вештачка трева во населбата Ѓорче Петров.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top