Претстојната туристичка сезона во Охрид за прв пат ќе бидат поставени унифицирани тезги за продажба на сувенири и ситни производи, најави лоокалната самоуправа, јавува „Охрид њуз“.
Согласно годишната програма за поставување урбана опрема во општина Охрид, што вчера ја усвои советот, тезги за продажба на сувенири и други ситни производи ќе може да се постават само во строго утврдени зони на кејот, каде со новиот режим на сообраќај не е предвиден сообраќај, на плоштадот кај стариот чинар и во стариот дел на градот во и околу Самоиловата тврдина и Плаошник.
–Новина е тоа што ќе се постават три објекти за продажба на сувенири донација од министертсвото за култура и тоа на плоштадот „Св. Климент Охридски“ кај пристаништето, помеѓу амамот и Летница и кај Чинарот-изјави Бранко Арнаудоски, раководител на секторот за урбанизам и заштита на животната средина.
Арнаудоски посочува дека со унифицирањето и утврдените локации, нема да може секој да поставува тезги какви сака и каде сака.
-Реализацијата на урбаната опрема нема да зависи само од локалната самоуправа, туку и од инспекциските служби, но и од самите корисници кај кои треба да проработи свеста да не поставуваат урбана опрема надвор од местата пропишани за тоа.-истакна Арнаудоски.
Дел од советниците од опозицијата изразија сомневање дека предвидената програма за поставување на урбана опрема ќе се реализира во целост. Тие имаат забелешки и на висината на паушалот кој треба да го платат закупците на тезги.
-Програмата не нуди нешто ново и не верувам дека ќе има големи измени во однос на минатата година. Оваа година закупците покрај закупување на јавната површина како нова давачка, дополнително ќе плаќаат комунална такса. Ако за еден фрижидер почетната цена би била 5000 денари покрај тоа се пресметува по 10 денари по метар квадратен за секој ден на користење, односно педесет отсто повеќе во цената за закуп, а исклучително висока е и цената на закупнина за шанкови која изнесува 10000 денари за метар квадратен.-изјави советникот од ВМРО НП Јоне Станкоски.
Инаку, согласно програмата за поставување урбана опрема, предвидено е отстранување на дел од масите од угостителските објекти нацентралниот пклоштад пред комплексот Летница кој според најавите ќе функционира како летна тераса.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.