Што да се каже за Џеј Ло, Џени од Бронкс? Таа е доказ дека се исплатува да се следат сопствените сништа. Потврда дека упорноста се исплатува. Израсна во една од најсјајните ѕвезди во светот на филмот и на музиката. Нејзиниот атрактивен изглед ретко кој го остава рамнодушен. Атрибутите што ѝ ги подарила природата умее вешто да ги спакува во слика што сака да ѝ ја претстави на јавноста. Нејзиниот стил се развиваше со карактерот што го има и со кариерата што самата ја менаџираше. Во почетокот преферираше предизвикувачки креации, кои повеќе откриваа, отколку што покриваа. Токму таа храброст да се претстави со тој стил ѝ донесе статус на секс-симбол. Инаку е извонредна пејачка, страсна танчарка, убава глумица и манекенка со елегантна става. Дива во секој поглед. Препознатлива како дама со гламур и со сексапил. Позната е по своите прекари како што се гитара, поради обликот на телото, Џени и Џеј Ло поради гето-задникот. Таа е мегаѕвезда, која без разлика на не/совршеноста на своето тело има милиони обожаватели за кои Џени е богиња на сексапилноста. Во Холивуд се проби благодарение на фактот дека е неодоливо привлечна, но и способна од своите музички спотови да направи вистински визуелни спектакли. Според Мајкл Левин, авторот на Брендиран свет (2003), Џенифер Лопез е „најголемиот бренд-производ во забавната индустрија“. Од издавањето на нејзиниот прв албум „On The 6“ во 2000 година, таа израсна од тоа што Левин го нарекува „згодна пејачка-актерка“ во познато име преку „многу внимателно водена кампања за брендирање“.
Таа ги искористи двете највисоки платформи на познатите „филмовите и музиката“ за да лансира мини-империја врз основа на своето име. Ја основаше компанијата за облека Свитфејс фешн компани, која произведува облека со брендот џеј ло и има лансирано сопствени парфеми од кои првиот беше џеј ло глоу, кој почна да се продава во 2002 година.
Иако направи некои катастрофални избори во својот љубовен живот и филмска кариера (избори што се поврзани со нејзината улога во утката Гигли покрај Бен Афлек), нејзиниот талент за маркетинг никогаш нема грешка. На пример, исто како што Гигли добиваше лоши критики во меѓународниот печат, таа се појавуваше на билборди низ целиот свет како новото лице на Луј Витон. Поврзувајќи се себеси со најпопуларниот луксузен бренд во светот, таа ги поттикна аспиративните квалитети на идентитетот на нејзиниот сопствен бренд. Ја следат озборувања дека на снимањата е размазена, поставува специјални услови, невидено е арогантна кон соработниците и помошниот персонал, но, сепак, и понатаму ја сакаат и обожаваат како секс-дива. Сето ова е контрадикторно, но без разлика дали е вистинито или не Џеј Ло и понатаму заведува огромен број обожаватели, кои, просто, лудуваат по неа, нејзината неодолива насмевка, заводнички поглед и сексапилна става. Аспирацијата е, во секој случај, клучот за разбирање на моќта на брендот на Џеј Ло. Уште од нејзиното појавување на доделувањето на наградите Греми во зелениот фустан со разголен папок на Версаче, за кој многу се дискутираше, таа стана една од најгламурозните икони на црвениот тепих склона кон публицитет. Има нешто мистериозно и привлечно во тој уличен фазон „девојка од соседството“. Можеби е нејзината непосредност и пристапност!? Голем број од обожавателите поради нејзиниот восхитувачки изглед ја доживуваат како топла, блиска, искрена и непосредна, способна да им парира на сите познати и елегантни манекенки, кои на модните писти се движат како газели. Меѓутоа, моќта на Џенифер Лопез не е во тоа што таа е, едноставно, гламурозна, туку тоа што нуди пат кон гламурот. Таа беше многу успешна во користењето на својата музичка и филмска кариера за да го нагласи своето патување од тешкото детство поминато во Бронкс до блескавиот меур на позната личност во кој живее сега. Насловот на нејзиниот прв албум „On The 6“ се однесуваше на автобусот со број 6 на кој се возела за да излезе од Бронкс. Еден сингл од еден подоцнежен албум ја етаблираше како „Џени од соседството“ со кој им кажа на обожавателите „Знам од каде доаѓам“. Нејзината улога од приказните во филмскиот хит Слугинката во Менхетн инспириран од Пепелашка, исто така го отсликуваше нејзиниот сопствен живот бидејќи глумеше сиромашна работничка од Бронкс, која на крајот наоѓа љубов и многу пари. Како и повеќето успешни брендови, таа создаде приказна околу своето сопствено име. Поради нејзините проблематични врски со познати личности како Бен Афлек и Пи Диди (сам по себе феноменален бренд), приказната е постојана и останува интересна.
Брендовите како кока-кола и мекдоналдс постојано треба да копнеат по емотивна привлечност и интерес од медиумите. Со „бренд –личност“ како Лопез тоа веќе претставува составен дел. Како кока-кола, таа, исто така, има универзална привлечност. Ова е така поради тоа што изгледа дека таа постојано опчекорува два света. Таа секогаш, во смисла на брендови, се наоѓа меѓу улиците на Бронкс и црвените килими на Холивуд. Како прва вистински глобална суперѕвезда, таа е врската во латинскоамериканското, врската меѓу двете култури. Бидејќи никогаш не била обележана како „пејачка, актерка, танчарка, модна дизајнерка или деловна жена“, таа задржува некаква мистерија, и покрај нејзината изложеност на масивните медиуми. Таа ја брендираше „приказната“ на Џенифер Лопез, која е, всушност, старата приказна за американскиот сон, за вербата во себе и аспирацијата и притоа ја замати линијата меѓу нејзиниот реален живот и личноста на една суперѕвезда. Како таква, нејзините обожаватели знаат многу за неа, но никогаш не можат да знаат доволно. Како пример за млади жени таа е феноменално моќен бренд бидејќи луѓето што купуваат фармерки џеј ло или го носат нејзиниот парфем, исто така, ја купуваат и самата приказна за Џенифер Лопез. Тие, можеби, самите никогаш нема да можат да станат суперѕвезди, но со купувањето на нејзините производи, тие можат да се чувствуваат како да споделуваат мал дел од нејзиниот успех, така што се снабдуваат со него.
Тајни на успехот на Џеј Ло
Порака. Џенифер Лопез има јасна порака на бренд, која се состои од инспирација и аспирација, бренд што привлекува млади жени, алфа-мажи, малцинства и секој што сонува да стане суперѕвезда.
Аспирација. Џенифер Лопез го одржа својот бренд аспиративен преку своите поврзувања со луксузни брендови како Луј Витон.
Факторот „меѓу“. Бидејќи Џенифер Лопез има идентитет што лебди меѓу пејачка и актерка, Бронкс и Холивуд, позната личност и реалност, таа не може да се означи. Ова значи дека луѓето можат да ги проектираат своите аспирации на неа, аспирации што можат да ги насочат преку купување на самиот бренд на Џенифер Лопез.
Автор: Сотир Костов
Текстот е објавен во неделникот Република.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.