На 8 септември 1991 година мнозинството од населението во Македонија излезе да гласа и преку референдум се изјасни за својата иднина. Чекор со кој македонскиот народ, конечно, ја зеде во раце сопствената судбина и почна да гради самостојна, независна и суверена држава. Изминаа 25 години од тој ден, кој воедно значеше остварување на вековната заложба на Македонците – да имаат своја посебна држава. Предизвикот со кој се соочивме и сѐ уште се соочуваме е огромен имајќи ја предвид големината на нашата територија и бројноста на жителите, споредено во светски рамки. Оттука произлегува и одговорноста и тежината што ја носиме поединечно и колективно бидејќи нѐ засега сите како народ и нација и се рефлектира на идните генерации.
Покрај референдумот од 8 септември, граѓаните на Република Македонија го искористија своето референдумско право уште еднаш, во 2004 година, кога беше поставено прашањето „Дали сте за територијалната организација на локалната самоуправа (општините и Градот Скопје) утврдена со Законот за територијалната поделба на Република Македонија и определување на подрачјата на единиците на локалната самоуправа?“
Новиот број на списанието „Македонски архивист“ со поднаслов „Територијалната поделба на Република Македонија и Референдумот 2004 (Документи)“ содржи избор на документи од фондот 1515, претседател на Влада на Република Македонија (1990-2006). Селекцијата и изборот се наметнаа природно, при процесот на средување и обработка на архивскиот материјал. Одредени документи го свртеа нашето внимание и нѐ натераа подетално да ги проучиме и анализираме. Оттука, истите се конципирани на следниов начин: прво ги пренесуваме белешките во ракопис, кои се од кабинетот на претседателот на Владата на РМ во периодот 2002-2004 година, а се однесуваат на претстојните претседателски и локални избори, како и процесот на децентрализација на Република Македонија. Следат документи од претседателот на Владата на РМ по повод усвојувањето на пакетот закони за децентрализација. Посебно интересен за проучување е планот за медиумска поддршка на процесот за децентрализација. Потоа се прикажани извештаи од меѓународната заедница што се однесуваат на избирачкиот процес. Исто така, вклучени се и табеларни прегледи на реализација на оперативната програма за децентрализација на власта 2003-2004 во делот на измени и дополнувања на законите. На крајот, издвоивме информации и изјави од претседателот на Владата на РМ и дипломатски претставништва, по завршувањето на референдумот.
Обврска на институцијата што ја водам е да ги изнесе на увид овие документи, без каква било корекција, како сведоштво за сериозни историски предизвици на едно време, кое зад себе остави големи последици врз интересите на македонскиот народ во сопствената држава.
Текстот е објавен во 223 број на неделникот „Република“, 9 декември 2016 година
Во соработка со Државен архив на Република Македонија
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Фељтон: Црните страници на УДБА – Лустрацијата – недовршен процес (Том IX)
-
Фељтон: Црните страници на УДБА – Борци за независна и обединета Македонија (Том VII)
-
Фељтон: Црните страници на УДБА – Ченто и Доцев на удар (Том IV)
-
Фељтон: Црните страници на УДБА – Елиминацијата на ВМРО по 1945 година (Том I)