Врвниот француски монтажер Жак Вита во Париз ја прими наградата за животно дело, што Асоцијацијата на филмски професионалци на Македонија и програмата „Синематик“ му ја доделија.
Наградата му ја врачи Јордан Плевнеш, поранешен амбасадор на нашата земја во Франција и ректор на Универзитетот за аудиовизуелни уметности. Легендата на монтажата на европскиот филм, Вита, кој е во својата 83-година беше пресреќен од признанието.
Жак Вита е француски монтажер, кој почнал да работи на монтажа на игран филм во доцните 50-ти години на минатиот век. Монтирал повеќе од 60 играни филмови и работел со значајни француски филмски режисери, како Клор Бери и Џин Бекер, но е најмногу познат по соработката со Кшиштоф Кишловски, која започна со „Двојниот живот на Вероника“ и продолжи со „Три бои: Сино“ и „Три бои: Црвено“.
Вита освоил награди за монтажа на француските филмски награди „Цезар“ во две наврати: во 1984 година за „Убиствено лето“ и во 1994 година, за „Три бои: Сино“. Инаку, Вита се потпиша на монтажата на филмот „Јас сум од Титов Велес“ на режисерката Теона Стругар-Митевска, продуциран во 2007 година.
Тричлено жири го избра и најдобриот филм од аспект на монтажа во рамки на програмата „Синематик“, која во изминативе два дена опфати неколку проекции на европски филмови во соработка со платформата „Ај он филмс“.
Наградата што ја доделува Здружението на филмски продуценти на Македонија отиде за холандскиот филм „Чисти раце“ во режија на Тјебо Пенинг, на кој како монтажер се потпишува Белгиецот Филип Равое.
Програмата „Синематик“, дел од 7.издание на „Мобил фестивал“, беше отворена прексиноќа во Џебното кино на Младинскиот културен центар.
Гостин на вечерта беше францускиот режисер Тиери Себан, чиј филм „Псевдоним“ беше прикажан. По проекцијата на неговото долгометражно првенче, г-динот Себан одговараше на прашања од публиката, по што се разви интересна дискусија. Неговиот трилер „Псевдоним“ отвора многу горливи прашања кои треба да не замислат, истакна Себан. Тој беше многу среќен што прв пат се претставува пред македонска публика со својот филм и што може да ги види реакциите. Фестивалот му додели и „Специјално признание“ за „Псевдоним“.
– Мене ме фасцинираше прашањето за влијанието на интернетот врз нашите животи, а особено на нашите деца. И колку во суштина, ние не размислуваме за негативните влијанија на глобалната мрежа. Втората приказна околу која го водев филмот беше инспирирана од вистински настан, голема афера што излезе во Франција, во која човек уживаше во гадотиите што му ги правеа на случајно одбран човек – објасни Себан.
Тој ни објасни како филмот го снимил за само 12 дена, со оглед на ограничениот буџет (околу 120.000 евра). Себан го снимал филмот во својот стан, во нив играат сопругата и неговите деца, самиот го монтирал (зашто немале пари да платат друг монтажер). Станува збор за независен проект во кој особено верувал.
Себан сподели дека го подготвува својот втор филм, кој ќе биде сосема различна тематика, социјална драма.
Програмата „Синематик“ ќе биде заокружена со работилница што ќе ја одржи нашиот монтажер Атанас Георгиев, в понеделник во 10.30 часот, на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Темата ќе биде „Онлајн- промоција на филмски трејлери“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
„Хармс“ ја освои наградата „Златен рез“ на „Синематик“
-
Андрија Зафрановиќ вечерва ќе ја прими наградата за животно дело на „Синематик“
-
Со премиера на „Скршено“ вечерва почнува Меѓународниот фестивал на филмска монтажа „Синематик“
-
Интернационалниот филмски фестивал за монтажа „Синематик“ се отвора со премиера на „Скршено“