Вечерва со осумте натпревари во групите Е, Ф, Г и Х завршува групната фаза во Лигата на шампионите. Веќе се познати 14 екипи кои се пласираа во осминафиналето, а недостасуваат уште две имиња. Во групите Г и Х познати се само по еден учесник и двата натпревара ќе бидат вистинско уживање.
Сепак можеби најубавиот меч ќе се одигра на „Сантијаго Бернабеу“ каде фудбалерите на Реал Мадрид вечерва го играат последниот натпревар од групната фаза, а на домашен терен го пречекуваат тимот на Борусија Дортмунд. Во моментов по пет одиграни кола Борусија има предност од два бода пред актуелниот европски шампион. Само со победа „кралевите“ ќе го освојат првото место, а Зинедин Зидан поради тоа овој натпревар го окарактеризира како финале.
– Овој натпревар ќе биде како финале за нас. Играме дома, пред своите фанови и се надевам дека ќе го прикажеме своето најдобро издание. Имавме тежок натпревар со Барселона, но сега сме потполно фокусирани на овој меч. Се надевам дека ќе постигнеме брз гол, а со тоа и полесно ќе го освоиме целиот плен – изјави Зинедин Зидан.
Во првиот натпревар одигран на „Сигнал Идуна Парк“ фудбалерите на Реал Мадрид одиграа 2-2 против младата екипа на Борусија Дортмунд.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.