| четврток, 6 декември 2018 |

Што вели велешката чаршија за убиството на Коцев?

По вчерашното убиство во Велес, кај плоштадот Којник, велешката чаршија не престанува со плетење на приказните. Секако, масло на огнот додава дебелото полициско досие на убиениот Тоше Коцев, како и неговите неколку одлежани затворски казни.

Според едни чаршиски сознанија, во прашање бил нерасчистен долг кој што го имале убиениот и убиецот меѓу себе. Други пак наведуваат дека станува збор за љубомора, односно дека наводна љубовна афера била причина за убиството. Кон ширењето на неколкуте верзии за причината за убиството кое го потресе Велес, придонесуваат и, повторно, прераскажаните полициски сознанија дека убиецот, 31 годишниот Благојче Шумановски, во полициската станица бил потполно дезориентиран и дека неговите зборови биле неповрзани. Шумановски не се сеќавал на ништо и се бранел со молчење.

Вчера попладне 15-тина минути по 14 часот, Шумановски влегол во домот каде живеел Тоше Коцев и веднаш почнал да пука во него.  Коцев, тешко ранет, се обидел да избега, но паднал на улицата. Полицијата, повикана од соседите, ведаш пристигнала на улицата Васил Ѓоргов. Полицајците го затекнале Шумановски до телото на Коцев со пиштол в рака. Шумановски не давал отпор при апсењето. За него нема полициско досие, односно, до сега не е евидентиран како извршител на кривични дела.

Коцев веднаш бил префлен во болница, но починал во операциона сала, пред воопшто да почне интервенцијата.

Судија на претходна постапка на Шумановски му одреди притвор во траење од 30 дена.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top