| четврток, 6 декември 2018 |

Расте бројот на вработени во погоните на странските инвеститори

bunardzik

Се зголемува бројот на вработени во фабриките и погоните на странските инвеститори во Македонија. Компаниите кои веќе инвестираа во земјава го прошируваат производството, отвораат нови капацитети, ангажираат повеќе работници, пишува Лидер.

Американски „Амфенол“ почна со изградба на третата фабрика за производство на автомобилски делови во Кочани. Новиот капацитет треба да биде готов кон средината на идната година и во него ќе работат 400 луѓе, со што вкупниот број на вработени во оваа компанија ќе се искачи на 2.500 луѓе.

-Има три причини зошто инвестираме во Македонија. Прво, тоа е висококвалификуваната работна сила, второ поддршката што ја добиваме од државните институции и трето, тука е многу лесно да се води бизнис, објасни потпретседателот на корпорацијата „Амфенол“, Џон Тренор.
Во слободната зона во охридско – струшкиот регион се гради фабриката на „ОДВ Електрик“, треба да биде готова во првиот квартал на 2017 година. Но, Германците веќе знаат дека ќе ги натфрлат првичните планови.

-Ќе се натфрлат првично планираните 1.000 вработени на 1.200. Ние ќе продолжиме да им помагаме во целиот процес. Во крајна фаза се активностите за завршување на инфраструктурните зафати во новата технолошко – индустриска развојна зона, со идентични услови како и во Скопје, Штип, Прилеп и Кичево“ – вели директорот на слободните економски зони, Виктор Мизо.

Германската компанија моментално работи како браунфилд инвестиција со 220 вработени.
Претходно, своите бизниси во земјава ги проширија и „Џонсон Мети“, „Текнохозе“, „Џонсон Контролс“. Во случајот на американската „Џонсон Контролс“, по Скопје се отвори фабрика во Штип, а се гради трета во Струмица.

-Успешниот развој на нашата фабрика во Штип и успешната соработка со македонската Владата го подготви нашиот пат за следниот чекор и за новата фабрика во Струмица“ – рече Владимир Теплик, потпретседател на трим групацијата на „Џонсон Контролс“ за Европа.
„Ова не е само значајна инвестиција од 20 милиони долари, туку истовремено и можност за нови вработувања, кои заедно со оние во фабриката во Штип изнесуваат над 3.000 работни места, рече директорот во „Џонсон Контролс“, Питер Хајфт.

Нови грчки инвестиции во Македонија

Јакнат и економските врски меѓу Македонија и Грција. Нови инвестиции од јужниот сосед влегуваат во нашата држава, што резултира со отворање работни места и динамизирање на македонската економија.
Последна во низата е инвестицијата на компанијата „Пластики“ од Атина, специјализирана за производство на материјали за изолација наменети за градежништвото. Компанијата вложува 2,5 милиони евра во Битола, ќе се отворат 150 работни места. Производството ќе стартува во почетокот на идната година.

-Одлучивме дека Битола е вистинското место за инвестирање, бидејќи има високо едуциран и млад кадар. Исто така, една од главните причини за нашата одлука за инвестирање беше блискоста до Грција, објаснува сопственикот на компанијата, Јанис Тирбас.

Претходно, одлука за инвестирање во Битола донесе и грчката компанија „Цераметал“. Се работи за вложување од 12 милиони евра што ќе отвори 600 нови работни места. Веќе е купено земјиштето во индустриската зона „Жабени“ со вкупна површина од 45 илјади квадратни метри.
„Првата фаза опфаќа 150 вработени во производството, а уште 30 ќе бидат вклучени во делот на дистрибуција, одржување, шпедиција, сè до финалната бројка од 600 вработени. Пресудни за инвестицијата беа добрата бизнис – клима, ниските оперативни трошоци, квалитетната и образована работна сила, како и инфраструктурната поврзаност со матичната земја“ – вели министерот за привлекување странски инвестиции Џери Наумоф.
Трета во низата е инвестицијата на грчката компанија за храна „Крета фармс“.

-Влезот во Република Македонија, во комбинација со Романија и со Бугарија, создава плодна почва за понатамошно развивање на активностите на „Крета фармс“ во поширокиот регион на Балканот, соопштија од компанијата.

Паралелно, во зоната „Жабени“ ќе инвестира и турска компанија од метало-преработувачкиот бизнис, инвестиција од 8,6 милиони евра што ќе отвори 110 работни места. Изградбата на погонот почнува в година, а со производство ќе се стартува во 2018 година.

Добрите рангирања и носат предност на Македонија

Македонија има поволна бизнис – клима и добра позиција за привлекување странски инвестиции, што е потврдено и со рангирањата од меѓународните финансиски институции. Инвестицијата на грчката „Цераметал“ е показател дека овие извештаи се читаат и добро се анализираат при носењето на инвестициските одлуки.
„Поддршката од Владата и од локалната самоуправа беше еден голем предуслов за да се одлучиме да инвестираме во Битола. Обученоста на работната сила, познавањето на англискиот и на грчкиот јазик беше пресудно да одлучиме дека тука треба да го развиваме нашиот бизнис. Има добра бизнис – клима, инфраструктура, Грција е блиску, а високо е и рангирањето на земјата во извештајот „Дуинг бизнис“ како најповолна земја за инвестиции“ – изјави директорката на компанијата Марија Пападопули.

-Бизнис – климата која ја создадовме ни дава можност за привлекување нови познати компании да инвестираат во земјава, да отвораат нови работни места, а со тоа да се подигне и стандардот на граѓаните и економскиот раст на земјата, вели вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски.

Слична позиција делат и економистите, Македонија веќе е препознатлива на инвестициската мапа.

-Напредокот на македонската економија е можност за привлекување нови инвестиции во земјава. Високата позиција во извештајот „Дуинг бизнис“ на Светска банка е шанса за влез на големи корпорации и звучни индустриски гиганти. Граѓаните ќе го почувствуваат бенефитот со зголемувањето на стандардот кој ќе биде добиен од нови вработувања и раст на економијата, објаснува универзитетскиот професор Томе Неновски.

Последните податоци на Народна банка покажаа дека за 9 месеци во земјава се влезени 199 милиони евра странски директни инвестиции, најмногу од Германија – 23,2 милиона евра. Ова е резултат постигнат во време на политичка криза, кога е присутна резервираност меѓу инвеститорите, па сосема се реални очекувањата дека в година ќе се постигнат многу подобри резултати кога е во прашање влезот на странски инвестиции.

-Политичката криза го забави процесот, но ние продолжуваме да се бориме за секоја нова инвестиција. Наша најголема заложба останува борбата против невработеноста, стимулирање нови инвестиции и привлекување странски компании, отворање нови работни места, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Од владејачката партија велат дека е приоритет привлекувањето нови странски инвестиции, отворањето фабрики и нови работни места, но ќе се работи и на вклучување на што е можно повеќе домашни компании во добавувачкиот синџир на странските инвеститори.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top