Гончарук Jуриj, украински амбасадор во Република Македонија е дипломат со големо дипломатско искуство. Меѓу неговите колеги од дипломатскиот кор во Скопје, тој е еден од најдолго акредитираните амбасадори – веќе седум години ја предводи дипломатската мисија на Украина во Македонија. Тој за „Република“ открива дека Македонија за него не е туѓа земја. Ја обожува македонската традиционална храна, а за македонските вина вели дека заслужуваат највисоко место во каков и да било рејтинг зашто не отстапуваат од традиционалните лидери во светското производство
Доаѓате од земја што има поинаква култура и традиција од Македонија. Како успеавте да се приспособите на животот овде?
Jуриj: За дипломат не постојат зборови „да се приспособиш“ затоа што самата професија предвидува подготвеност за промена на континенти, климатски услови и временски зони, културна и општествено-политичка средина, вештина на комуницирање во дадени околности итн. Нема две исти земји, дури и ако се чини дека се тие многу блиски меѓу себе… Во мојата конкретна ситуација, секако дека беше потребно одредено време за тоа, како што велат кај нас, да се „погледне околу себе“, но не повеќе од тоа.
Имате ли пријатели меѓу Македонците? Кое е Вашето мислење за македонскиот народ?
Jуриj: Имам доволно пријатели. Тие се вработени во различни сфери, имаат различен социјален статус, но тоа не му пречи на нашето комуницирање и меѓусебно разбирање. Јас секогаш точно знам дека можам да сметам на нивна помош и совет, ако ми биде потребно такво нешто. Се надевам дека ниту еднаш не сум им дал причина за сомнежи за мојата искреност. Македонскиот народ за време на мојот престој во вашата прекрасна земја стана многу близок за мене.
Колку Украинците се разликуваат од луѓето овде?
Jуриj: Па, не како небото од земјата. Тоа е, секако, шега затоа што ние сме, навистина, многу слични во нештата. Не попусто некои историчари тврдат дека Македонците пристигнале на Балканскиот Полуостров од територијата на денешна југозападна Украина. И не заборавајте дека црната и црвената боја се омилени бои на националната облека.
Ви беше ли тешко да го научите македонскиот јазик?
Jуриj: Секој јазик е како голема непозната планета, која продолжуваш и продолжуваш да ја откриваш; попусто што украинскиот и македонскиот јазик имаат многу сличности како два словенски јазика. Но уште повеќе има разлики меѓу нив. Јас не сум филолог и не сум лингвист, но готов сум да докажам дека на Балканот нема поблизок јазик на украинскиот од македонскиот. Оттука ќе биде и мојот одговор – да учиш е и лесно и тешко. Водете сметка и за возраста.
Колку имате слободно време да патувате низ Македонија?
Jуриj:Во основа, патувам при вршење на службената должност, но долгиот термин на престојот во земјата ми дозволи да го надоместам недостигот од слободно време.
Кое е местото, кое, според Вашето мислење, мора да го посети секој што доаѓа во Македонија?
Jуриj: Се плашам да не бидам банален ако ги наведам традиционалните туристички места, кои, всушност, ги има многу, кои вреди да ги посетат гостите на Македонија. Но, постојат и други места, кои, исто така, вреди да се посетат и за кои ретко кој знае во самата земја. Со оглед на таквата ситуација, подобро ќе се воздржам од какви и да било препораки.
Што мислите за македонската кујна? Што повеќе Ви се допаѓа македонската храна или македонските вина?
Jуриj: Најмногу ми се допаѓа храната што сам си ја подготвувам, а ете не умеам да правам вино… Ако сме сериозни, тогаш за да се разбере македонската кујна не е задолжително да се посетуваат рестораните. Вреди да се пробаат кулинарските ремек-дел на некои мои познајници за да се процени сета привлечност на македонската кујна и мајсторството во подготвувањето на нејзините традиционални јадења, особено производите од тесто. Македонските вина заслужуваат највисоки места во каков и да било рејтинг затоа што, според моето мислење, не отстапува од традиционалните лидери во светското производство на вино. Сметам дека македонското производство на вино уште не го постигнало својот највисок развој и нему му претстои долга и славна историја.
Веќе седум години сте во Македонија, Ви недостига ли родната земја?
Jуриj: Од моментот кога стапнав за првпат на македонска територија. Во Македонија имам работа, а во Украина е мојот роден дом, роднините и пријателите и уште многу нешта без кои не може да постои човек.
Го користат ли Украинците безвизниот режим за да патуваат во Македонија?
Jуриj: Да, се разбира. И за запознавање со Македонија и за транзит во други земји. Секоја година по 17 илјади украински државјани на овој или на друг начин ја посетуваат вашата земја. Се надевам дека нивниот број и понатаму ќе расте.
Што откако ќе заврши вашиот мандат, би ја посетиле ли повторно Македонија?
Jуриj: Во прва пригода, бидејќи Македонија веќе не е туѓа за мене. Освен тоа, секогаш е интересно да бидеш таму каде што поминал дел од твојот живот и да ги процениш промените што се случиле, разговарајќи со пријателите што останале таму и така натаму.
Пишува: К.Н.К.
(Текстот е објавен во 222 бр. на Неделникот „Република“)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Виолета Џолева, режисерка: Со првиот мјузикл за деца сакам да им се заблагодарам на маестро Џамбазов и на Оливера Николова
-
Бислимовски: РКЕ нуди четири цени на нафтените деровати, но трговците секогаш ја избираат највисоката
-
Тарик Филиповиќ: Жив актер на сцената сѐ уште е мамка за луѓето да доаѓаат во театар
-
Аница Добра, актерка: Навистина ја имам најдобрата професија на светот!