Македонија на хартија важи за аутсајдер во групата Б од Европското Првенство за фудбалери до 21 година, но останатите селекции со респект гледаат на нашите младинци, свесни дека секое потценување на овој шампионат скапо се плаќа. Алберт Селадес, кој е селектор на шпанскиот национален тим, порачува дека пласманот на Македонија пред селекцијата на Франција е најдобар доказ за квалитетите на „црвено-жолтите“.
– Португалија имаше одлични квалификации, Србија има извонредна генерација која е светски шампион. Внимателно со Македонците, тие ја елиминираа Франција и јасно е дека се тим што не смее да биде потценет во ниту еден момент. Не ја прифаќам улогата на фаворит бидејќи ние не бевме први ниту во нашата група, но секако постои многу простор за напредок – истакна Селадес.
Кормиларот на Португалија, Руи Жорге, е свесен дека на европските шампионати не постојат слаби репрезентации.
– Ќе биде тешко, но така мора да биде во завршницата на Европското Првенство. Сите тимови работеа напорно за да дојдат овде и да покажат што знат и умеат, поседуваат и сила и квалитет. Шпанија ќе биде тежок ривал, Србија исто така, мислам дека истото ќе биде случај и со Македонија. Ривалите се за респект, а ние ќе се обидеме да ги повториме игрите од квалификациите и да се обидеме да стигнеме до полуфиналето – изјави португалскиот селектор Руи Жорге.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.