| четврток, 6 декември 2018 |

Дербито за Фенербахче, ЦСКА се намачи со фенерџијата (видео)

real-madrid

Дербито на 10.коло во Евролигата се одигра во Истанбул каде домашната екипа и минатогодишен финалист Фенербахче, го пречека Реал Мадрид.

Избраниците на најтрофејниот тренер Жељко Обрадовиќ победија минимално со 78-77, иако „кралевите“ го имаа последниот напад во мечот и обид за три поени и победа.

Првото полувреме од мечот во Истанбул го одбележа израмнета игра со низа пресврти. Воведните десет минути му припаднаа на Фенербахче со резултат од 23-19, за да Реал Мадрид ја добие втората четвртина со 16-21, за пресврт и минимална предност на паузата од еден поен (39-40).

Како и во првото полувреме, така и во второто продолжи израмнетата игра па така избраниците на Обрадовиќ откако ја добија третата четвртина со 18-17 го израмнија резултатотот на 57-57 во пресрет на последната четвртина. Расплетот и победникот на мечот беше решен буквално во последната минута, кога при нерешен резултат од 77-77, Нунанли погоди едно од двете слободни фрлања за 78-77, додека на спротивната страна Керол промаши тројка за победа на Реал Мадрид.

Токму Нунанли со 18 поени беше прво име во победничката екипа на Фенербахче во чии редови „дабл-дабл“ ефект од 14 поени и 10 скока имаше Удох. Нашиот интернационалец Перо Антиќ го пропушти вечерашниот дуел поради здравствени проблеми. Кај Реал Мадрид со 16 поени најефикасен беше Рандолф, додека 14 даде Љуљ, кој имаше нетипичен учинок за него 0/6 за три поени.

Кога играат лидерот на табелата во кое било првенство и „фенерџијата“ очекувано е фаворитот да го ’реши’ победникот уште на почетокот на натпреварот. Тоа дефинитивно не и се случи на ЦСКА Москва која е на врвот на табелата во Евролигата на натпреварот против Бросе Бамберг кој по десет одиграни кола има само две победи и е закован на дното. По голем број на изедначувања, ЦСКА успеа да слави со 88-90.

cska

Кошаркарите од таборот на актуелниот шампион на елитното клупско натпреварување бркаа негатива од 6-0 на самиот старт и се мачеа да влезат во играчки ритам. Кога тоа конечно се случи и гостите заиграа на ниво на клуб покрај чие име стои актуелен шампион разликата порасна на највисоки 11 (30-41). Во вториот дел од натпреварот што требаше да биде рутински одигран од страна на рускиот шампион се случи токму спротивното. Бамберг со пет тројки успеа да ја анулира негативата од 17 поени (30-47) и да стигне до егал во самиот финиш на натпреварот (77-77). Извонредниот Милош Теодосиќ реализира тројка (81-84), а Воронцевич беше прецизен од линијата за слободни фрлања. По последниот егал (88-88), Витали Фридзон со звукот на сирената ги уфрли последните поени за минимална победа од 88-90.

Теодосиќ со 31 поен и осум асистенции беше најрасположен за игра во победничкиот табор. Двоцифрен беше уште и Воронцевич со 15 постигнати поени.

Во останатите два дуела, Анадолу Ефес славеше значајна победа на гостувањето кај Макаби со 86-77, додека Уникс Казан го декласираше Милано со 100-79.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top