Македонските граѓани ќе учествуваат на долгоочекуваните избори. Јас можам само да се радувам на ова, затоа што беа направени големи напори и жртви во однос на Договорот од Пржино за одржување на овие избори. Сега треба да се направи последен напор за да се обезбедат слободни, правични, веродостојни и мирни избори и за резултатите од овие избори да бидат признаени и почитувани, рече еден од најпочитуваните политичари на европската политичка сцена, Жозеф Дол, претседател на Европската народна партија, во видеопораката упатена до граѓаните присутни на собирот во Битола.
-Изборите не се крај, туку тие се само почеток. Почеток на едно ново поглавје за вашата земја. Сега имате единствена можност да излезете од безизлезна ситуација и да продолжите напред, да ја модернизирате земјата и цврсто да ја поставите на патот кон евроатлантската интеграција. Вашите сограѓани, земјите од регионот, а исто така и Европската унија и целата меѓународната заедница ги положуваат своите надежи во овие избори. Треба да ги исполните овие очекувања, а не да ги разочарате, вели Дол.
Дол им се обрати и на членовите на ВМРО-ДПМНЕ, на кандидатите за пратеници и на носителите на пратеничките листи. Тој им рече дека доколку на 11 декември гласачите ви ја дадат својата доверба, а сигурен сум дека ќе го сторат тоа, тогаш вас ве чека голема одговорност. Одговорност брзо и решително да ги спроведете неопходните реформи за да му обезбедите на вашиот народ подобра и европска иднина.
–Пријатели, вие до сега многу постигнавте. Тоа го покажуваат и економските показатели, а и меѓународните институции го признаваат напредокот кој го постигнала владата на ВМРО-ДПМНЕ, пред сè на Никола Груевски, а потоа и на Емил Димитриев. Но, остануваат и други работи кои допрва треба да се направат. Без одложување треба да се спроведат итни и основни реформи. Треба да продолжите да се борите со невработеноста која значително се намали, но сè уште останува доста висока, особено кај младите. Треба да се осигурате долгот да остане на нивото на коешто е сега и на кое може да се гордеете и пред сè да работите во обезбедување правна држава, независно судство, борба против корупцијата, транспарентност и политичка стабилност.
Ова е клучот без кој економијата не би можела да напредува. Ова се неопходните услови кои мора да се исполнат за да продолжите да ги привлекувате инвестициите за да зачувате погодна клима за развој на претпријатијата, а со тоа и за отворање на нови работни места за да се обезбеди просперитет и развој на земјата, како и подобар квалитет на живот за вашите сограѓани. Овие реформи се исто така неопходни за да продолжите да чекорите по европскиот пат. ЕПП секогаш ја поддржувала европската перспектива на Македонија, какои на другите земји од Западен Балкан. Ние цврсто веруваме дека судбината на овие земји е еден ден да ни се приклучат, а сега, бегалската криза на скептиците им покажа колку се тие важни за Европската унија како чувари на границите на ЕУ. Сега е вистинскиот момент да покажете дека со право припаѓате на големото европско семејство.
–Драги пријатели, ќе дадам уште еден коментар во однос на изборите. На победникот му останува одговорноста да владее и да носи одлуки, а на губитникот му останува одговорноста да претставува конструктивна опозиција во Собранието… и уште еднаш ќе нагласам, во Собранието! Поради тоа што таму е седиштето на демократијата и бојкотирањето на изборите, или на политичките дебати е недозволиво во Европа. ВМРО-ДПМНЕ повеќе од десет години е наш партнер, а вие знаете кои се фундаменталните вредности и принципи на нашето политичко семејство и се надевам дека можам да сметам на вас за вие нив да ги применувате во вашата земја. Навистина сум среќен што можам да ја дадам мојата поддршка на целиот тим на ВМРО-ДПМНЕ за изборите кои ќе се одржат на 11 декември. Сè најдобро и со среќа, завршува Дол во видеопораката што беше емитувана на митингот во Битола.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Шок во Бордо: Суботиќ во бесознание, доби удар од голманот на Ст.Етјен
-
Кузмановска: Неспособната власт ги задолжи граѓаните за нови 21,1 милион евра
-
И јас трпев насилство од поранешниот партнер: Министерката си ја отвори душата!(видео)
-
Руси масовно дрифтаат во снег, ни полицијата не им може ништо (Видео)