СДСМ веќе две години е во филм во кој целта апсолутно ги оправдува средствата. Да, очигледен факт е дека партијата и лидерот се целосно влезени во прикаската на Николо Макијавели, а „Владетелот“ е супститут за Заевиот „Премиерот“.
Арно ама, кај нашите опозиционери, кои го доживуваат своето разнебитувачко крешчендо, фразата „целта ги оправдува средствата“ е заменета со „власта ја оправдува федерализацијата“. Отворањето на Пандорината кутија, која и покрај евидентноста на поразот на СДСМ одигра улога на катализатор што ги разбуди и отвори апетитите на албанските партии, претставува само некаков врв на еготрипот за врхушката на партијата, која и така е нелогична направија и оксиморонска елитистичка левица. Поради личен бенефит, нафатираните чеда возљубени во зголемување на и така големото семејно богатство, глумат и левичари. Колку да се работи нешто, нели, но кај нив не важи „круша под круша“, туку „министер под судија паѓа…“ Веројатно, како и многупати досега, повторно зборуваме за ендемска опозиција, единствена и уникатна творба, која е подготвена и да ја разнебити и сопствената држава, само за да го исполни сопствениот сон за моќ, власт, тендери, кирии, станови, пари… На разнебитување и поделба на сопствената нација работат подолго од две години и мора да се признае дека ова е едно од ретките полиња каде што бележат некаков „успех“, ако може да се нарече така закрвувањето на сопствениот народ. Можеби, пак, мотивите за будењето на албанскиот национализам преку јавно наддавање за двојазичност и за федерализација, која се подразбира, се само влог во иднината на партијата, која е свесна дека и на овие избори ќе биде катастрофален губитник. Дали Заев, реално, игра на расположението на Албанците за да предизвика проблеми за ВМРО-ДПМНЕ во новата владина коалиција? Логиката е повеќе од едноставна – соочен со неминовноста на поразот на 11 декември, Заев и СДСМ ги поставуваат основите за нова етничка криза, продукт на нивните неверојатни понуди за Албанците, со кои по победата ќе се соочи токму ВМРО-ДПМНЕ. Како и секогаш, така и сега, социјалдемократите не ги интересира штетата што со овие чекори ѝ ја нанесуваат на сопствената држава и нација. Не, за нив е најбитно некогаш да се завладее и да се оствари елитистичкиот комплекс, кој постојано ги турка во некоја нова, луда авантура. Сменија име, знаме, а потоа направија и територијална поделба на државата. Со последното дејство од 2004 година, насила, со нелогично спојување на некомпатибилни рурални средини и општини ја сменија вековната етничката структура на македонските Струга и Кичево. Барем до потегот на СДСМ. Логичното прашање е: Ако без срам, перде и трошка гризење на совеста на само две години од конфликтот можеа да го сторат тоа, зошто сега не би спровеле и двојазичност, федерализација и што ли не друго? Да, некои прашања, дефинитивно, не заслужуваат одговор. Не за друго, туку бидејќи одговорите се подразбираат…
Домино ефектот на глупирањето на СДСМ
„Така зборуваше Заев“. Веројатно, во филмот на елитистичките глупости и секојдневната претстава за себе со извртена, лажна идентификација со супермакедонецот (поим што за нив е преслаба квалификација поради фактот што македонштината и не им значи нешто особено) вака би гласела биографијата за црпнатиот лидер, скроена од некое од Соросовите новинарски пера. Навлезени во лошиот филм во кој доминира маѓепсаноста од убавината на сопственото, контра, за нив, грдото лице на Македонецот, Заев и СДСМ со умисла го отворија патот на големоалбанските копнежи и утопии.
Додека во Берн и во Македонија, лидерот родум од Муртино изнасилено им се додворуваше на Албанците (кои првпат ги видел кога дошол да студира во Скопје во 1993 година), тие поведени од сонот што тој повторно го разбуди во нив, беспоговорно се надоврзаа на неговата недоветна прикаска. Експресно, идејата на Заев за двојазичноста или првиот чекор кон федерализацијата ги освои срцата на албанските партии, па таа стана инстант услов на ДУИ за коалицирање со идниот партнер (ВМРО-ДПМНЕ), но и основен дел од програмата на ДПА, Алијансата за Албанците, Беса и другите фактори како Љамалари и другите. Овде не зборуваме за „ефектот на пеперугата“, туку за ефектот на Заев и на неговите акти. Би можеле и некако да ги оправдате (но не и да ги простите), кога би биле непромислени и стихијни, но овде сме сведоци на навидум неповрзан план, кој својата добра координираност и цели ги открива со секој чекор. Смената во СДСМ и изборот на Заев, темпираноста на непризнавањето на изборите во 2014 година, бојкотот, протестите, наместените петардоидни „бомби“ во 2015 година, формирањето на ветрот во едра наречен СЈО, одложувањата на изборите, странската поддршка, па сѐ до двојазичноста и федерализацијата даваат поинаква слика од таа стихијната пред една година. Цело е кога има сѐ, а којзнае која е целовитоста на прикаската и планот на СДСМ?
Како „Голема Албанија” затропа на „мала врата” во Тирана?
Тоа „цело е кога има сѐ“, сериозно го сфатија токму Албанците во Тирана, кои по повод одбележување на Денот на независноста на Албанија таму формираа Унија на албански општини во регионот. Оваа индикативна „направа“ доби и инстант име – Голема Албанија на мала врата. Во таа т.н. Унија влегуваат градови од пет држави – Албанија, Македонија, Србија, Косово и Црна Гора. Договорот го потпишаа градоначалниците на Тетово, Тирана, Приштина, Улцињ и на Прешево. Чемерија е во НАТО и исчезна, но барем официјално, целта на договорот е меѓусебна соработка во делот на културата, урбанизмот и на животната средина. Сепак, познавачите на случувањата на Балканот страхуваат дека чинот ќе има многу подлабоки последици, како и дека се совпаѓа со прокламираните идеи на лидерот на СДСМ. Процените на познавачите се дека федерализација или кантонизација на државата, чиешто име дополнително ќе се одредува, има три фази, кои етапно ќе се воведуваат во следните неколку години. Со првата фаза е опфатено воведување целосна двојазичност на целата територија на Македонија, пред сѐ во безбедносниот сектор и во институциите, во полицијата и во армијата. Во втората фаза е предвидена поделба на државата по федерални единици, односно развивање на општините во „понапреден систем на самоуправување“. Третата фаза од распадот на државата е отцепување на делови преку локални референдуми на шест кантони и нивно спојување кон соседни држави. Дали и идејата за двојазичност на Заев како „интро“ за програмираната низа случувања не е толку нова и дали теренот за ова сценарио, реално, не се подготвува веќе подолго време? Во интервјуто на „Вечер“ со Муса Љамалари од албанската дијаспора, кој го гледа Заев како иден премиер, прашан дали се согласува со неговите ставови за двојазичност и за федерализација, вели: – Тој рече дека сака Македонија да биде како Швајцарија. Ние од албанската дијаспора имаме услови, еден од условите е Македонија како држава да го смени името, не се проблем Албанците. Условот да го смените името не е само од Албанците, тој услов е од НАТО и од Грција. Ако сакаме да ја изградиме оваа држава, треба сите да гледаме во иднината, а не во минатото. Кога зборувам за двојазичност и за федерализација прашувам: Ви пречи ли Македонија да биде како Белгија? Мене не ми пречи, апсолутно.
Да, Муса, проблемот е што ова сериозно им пречи на Македонците, но и на Турците, Србите, Ромите, Бошњаците, Египќаните, Власите и на ред други. Токму за ова, во текстот насловен како „Ние ДРУГИТЕ“, м-р Ѓулен Емин за „Дневник“ напиша: „Дали лидерот на СДСМ при промовирањето на идејата за двојазичност барем еднаш помислил на достоинството, на националните и човечки чувства на ДРУГИТЕ, кои некако прифатија, барем според Уставот, да бидат рамноправни граѓани на Република Македонија, а фактички да живеат во бинационална држава како граѓани од ТРЕТ ред бидејќи првите два реда се веќе зафатени. И покрај широкоградоста на ДРУГИТЕ, сепак тоа чувство е фрустрирачко“.
Уставна какофонија во опозицијата
„Заев знае и меѓународната заедница знае дека Македонија е најголем проблем на Балканот! Затоа, Заев ќе ја спои Западна Македонија кон Албанија! Помала Македонија – помал проблем на Балканот!“ ова е изјавата на главниот лик од стрипот „Црпнатите“, кои секојдневно се потсмеваат со дејствувањата на политичарите во државата.
Често, не по туѓа вина, лидерот на СДСМ (според кој „рибата смрди од опашката“ и „со сила на човек можеш да му дадеш, не и да му земеш“) е инспирација за добар хумор и сатира. Не само поради неговата катадневна лапсус лингва маѓепсаност, туку и поради постојаното ретерирање од кажаното. Не само кај него, туку и во врхушката. За некоординираноста на неинвентивната партија, која по востановениот принцип на Ресавската школа сега користи програма на српските десничарски радикали „Двери“, а претходно употреби неуспешна „Шарена револуција“ од БиХ, зборува и какофонијата во партијата. Така вечерта на 24.11.2016 година, уште пред да паднат во погубен траор и бесвест од настапот на Себастијан Курц, лидерот Заев и десната рака, носител, технички министер и генерален секретар Спасовски се најдоа на сосема различна бранова должина. Додека Заев на очајно посетениот митинг ги убедуваше тетовци дека нема шанси да се чепка во Уставот, Спасовски на 70 километри во Куманово си кажа дека ќе го отвореле истиот тој Устав, ама не за двојазичноста?! Уште еден доказ дека за оваа партија Уставот не е бедемот што ја брани државноста, туку аморфна маса, која може и треба да се обликува според дневните потреби на врхушката. Истовремено, истиот тој Заев во Неготино изјави: „Носам живот!“ Секој нормален со трошка хумор во себе би рекол дека лидерот ѝ открил на јавноста дека е во блажена состојба, односно дека е бремен. Невозможно, бидејќи не е Шварценегер, иако поради гласови ниту ова дејство не се исклучува. Проблемот е во фројдовскиот комплекс и што тој не е бремен, туку обременет со сите антинационални и антидржавни глупости што ги спроведе во минатиот период. Настрана, големината и растењето на бремето го диктира разврската што следува за само неколку дена, а сите однапред го знаат резултатот. Да, ќе биде машко, Македонец со некопирана програма и со јасни национални ставови…
Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 222. број на неделникот „Република“, 2.12.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.