| четврток, 6 декември 2018 |

Последниот разговор на пилотот со контролорите: Позната причината за падот на авионот

Колумбиските власти објавија дека авионската несреќа во Колумбија ја преживеала уште една личност, исто така бразилски фудбалер, а Бразил во вторникот прогласи тридневна национална жалост.

Шестиот преживеан е бразилскиот фудбалер Хелио Хермито Зампиер Нето чие спасување моментално е во тек, соопшти колумбиската Национална канцеларија за управување со катастрофи (UNGRD), додавајќи дека не е исклучено да има уште преживеани.

Бразил прогласи тридневна жалост поради авионската несреќа во Колумбија во која загинаа повеќе од 70 луѓе, меѓу кои и голем дел од бразилскиот фудбалски тим Шапикоенсе. Авионот се урнал во понеделникот навечер во близина на Меделин, а во него имало 81 лице.

Останатите преживеани – фудбалерите Алан Лучијано Рушел, Маркос Данило Падиља и Џексон Рагнар Фолман, физиотерапевтот Рафаел Кореа Гобато и стјуардесата Химена Суарез се наоѓаат во болница во близина на местото на падот на авионот.

Фудбалерите на бразилскиот прволигаш Шапикоенсе патувале на првиот финален натпревар во Копа Судамерикана, пандан на европската Лига Европа, против локалниот Атлетико Насионал од Меделин.

Чартер авионот на британскиот производител British Aerospace е произведен во 1999 година. Објавени се детали од последниот разговор на пилотот со контролата на летот. Пилотите на контролата на летот во Маделин и` јавиле дека имаат проблем со моторот и, зачудувачки, дека им недостасува гориво. Контролата на летот тогаш им дала одобрение за вонредно слетување.

Но, околу полноќ по локално време, се изгубил контактот помеѓу контролата и авионот. Залудно дежурниот диспечер загрижено му повторувал на пилотот да се јави. Од другата страна немало одговор. Авионот веќе удрил во шумската непристапна земја. Медиумите наведуваат и дека во моментот на несреќата времето било исклучително лошо со дожд и грмотевици. При ударот, авионот се поделил на два дела.

Авионот во кој настрадаа бразилските фудбалери пред неколку дена ја превезувал и аргентинската фудбалска репрезентација на чело со Лео Меси, а пред тоа и венецуелската. Со авионот управувала чартер компанијата „LaMia“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top