Бруто-домашниот производ на Македонија, во времето на Владата на поранешниот премиер Никола Груевски, почна да бележи стабилен раст секоја година и сега се истакнува како една од најголемите стапки на раст во Европа од 4 проценти годишно, се вели во анализата на економскиот советник Холгер Хајмс во колумна објавена во „Ханделсблат глобал“.
Помалите земји се помалку ранливи на нестабилноста што се појави по Брегзит и по изборот на Доналд Трамп за претседател на САД. Благодарение на реформите и на постојаниот раст, Македонија e перспективна земја за инвестирање.
Во својот осврт за состојбите со економиите во западните земји по изгласувањето на референдумот за отцепување на Велика Британија од Европската Унија, како и по неочекуваниот избор на Трамп за претседател на Соединетите Држави, аналитичарот Хајмс нагласува дека помалите економии ќе останат стабилни.
Како пример за успешност и истрајување во целата таа светска економска турбуленција, аналитичарот ја издвојува Македонија, при што ги наведува повеќето параметри кои ја истакнуваат нашата земја како репрезентативен случај за економски раст и развој.
Ова е целосната анализата на Холгер Хајмс:
Естаблишментот на западните економии беше силно погоден по Брегзит и по неочекуваната, но успешна кандидатура на Доналд Трамп за претседател на Соединетите Американски Држави. Наместо да играат улога на меѓународни стабилизатори на пазарот, првата (САД) и петтата (Велика Британија) по големина светска економија вбризгаа шокантни бранови од страв на меѓународните трговски пазари, кога се случи неочекуваното. Фунтата драстично падна по референдумот. Американските пазари покажаа големи загуби, а потоа драматични добивки, со тоа што инвеститорите предвидоа голема непредвидливост во политичките чекори на новоформираната администрација на Доналд Трамп.
Големите економии доживуваат големи бранувања. Но, одредени помали пазари може да ги избегнат овие несигурни бранувања кои ги ослабуваат водечките глобални инвестициски центри. Во период на економска несигурност погледнете ги помалите економии кои нудат можности за инвестирање изолирани од надворешни превирања.
Македонија доживеа економски раст
Да погледнеме во Југоисточна Европа, во Македонија, мала балканска земја без излез на море, каде што се гледа микс од источната и западната култура. Земјата помина низ значителни економски реформи по стекнувањето на независноста во 1991 година. Како дел од републиките од социјалистичка Југославија, Македонија доживеа бавен, но стабилен економски раст од средината на деведесеттите.
Таа беше најсиромашна од републиките во времето на нејзината независност, но откако странска помош помогна да се ублажи првобитната нестабилност на пазарот, бруто-домашниот производ на Македонија, во времето на Владата на поранешниот премиер Никола Груевски, почна да бележи стабилен раст секоја година и сега се истакнува како една од најголемите стапки на раст во Европа од 4 проценти годишно.
Во последните неколку години македонската Влада е фокусирана на зголемување на странските инвестиции во земјата, како и за развој на програми за создавање поволна клима за раст на бизнисот. Македонија може да се пофали со пропорционален данок од 10 проценти од добивката и приходите, што е една од најниските стапки во светот, и нула проценти данок на реинвестирана добивка.
Земјата има добиено признанија за нејзината економска стабилност. Светската банка ја рангира Македонија меѓу првите 10 во светот за водење бизнис. Македонија исто така нуди стабилна работна сила со изобилство на квалификувани работници со еднаква конкурентна вредност. Образовната програма е насочена кон развој на бизнисот, со голем број средни училишта кои се фокусирани на различни занаети.
Образовните стандарди во техничките високообразовни институции во Македонија се слични со оние од западните земји. Покрај тоа, Владата ги поддржува инвеститорите кои црпат работна сила промовирајќи стручни училишта. Како резултат на тоа, стапката на невработеност се намали, достигнувајќи рекордно ниско ниво од 24 отсто во вториот квартал од 2016 година.
Земјата доби пофалби за нејзината стабилност. Во октомври оваа година Светската банка го објави својот годишен извештај „Дуинг бизнис“, рангирајќи ја Македонија помеѓу првите 10 во светот за водење бизнис. Извештајот се потпира на 10 фактори при правењето на пресметките: започнување бизнис, добивање градежни дозволи, добивање електрична енергија, регистрирање имот, добивање кредит, заштита на помалите инвеститори, плаќање даноци, прекугранична трговија, спроведување на договорите и решавање на несолвентноста.
Извештајот на Светската банка доаѓа откако ИБМ и КПМГ објавија слични извештаи препорачувајќи ја Македонија како зрела земја за инвестирање.
Можеби е најважно, за разлика од постарите и поголеми соседи, Македонија останува значително незасегната од прашањата што ги потресоа меѓународните пазари, што е докажано од неодамнешното влијание на Брегзит.
Рејтинг-агенциите ги потценуваат најголемите светски економии, економските аналитичари предвидуваат тежок Брегзит кој може да има последователни ефекти на глобалната економија, додека економската политика на Доналд Трамп останува несигурна.
Во следната година и Германија и Франција, четвртата и шестата по големина економија во светот, ќе имаат национални избори кои вклучуваат т.н. антиестаблишмент кандидати кои се способни да го променат воспоставениот политички поредок што беше случај во САД и Британија оваа година. Драматични или неочекувани промени во секоја од земјите ќе влијаат не само на локалните економии туку и на низа глобални инвестиции.
Кај глобалните водечки пазари за инвестирање поризично е да се инвестира во време на глобални политички немири. Но, потпирајќи се на економија во развој, каква што е економијата во Македонија, со квалификувана работна сила и деловни концесии, може да се обезбедат алтернативни, стабилни можности за инвестирање.
Зошто е тоа важно
Економиите во развој, како што е Македонија, со квалификувана работна сила и стабилна стапка на економски раст, се ветувачки можности за инвеститорите, образложува авторот.
Факти
Македонија ќе одржи парламентарни избори на 11 декември 2016 година. БДП на Македонија е во пораст од 4 отсто годишно.
Стапката на невработеност во Македонија достигна рекордно ниско ниво од 24 проценти во 2016 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.