Седумдесет и пет отсто од компаниите членки на Македонско германското стопанско здружение, а кои работат во Македонија повторно би инвестирале во нашата држава. Ова на денешната пресконференција го соопшти Мартин Кнап од Комората, кој ги презентираше резултатите за деловната клима во земјава за 2016 година.
Анкетата за економската клима е спроведена во 16 држави од средна и Источна Европа, а годинава учествувале вкупно 59 претпријатија. Во Македонија има над 200 претпријатија со германски капитал. Трговската размена меѓу Германија и Македонија во 2015 година надмина две и пол милијарди евра. Околу 10 отсто од претпријатија, според резултатите, сметаат дека состојбата во државата е добра, 40 отсто задоволителна, а 50 отсто лоша.
Што се однесува до очекувањата, како што рече Кнап, 14 отсто од компаниите мислат дека таа ќе биде подобра, додека 57 отсто оти нема да се промени. Само 29 мислат дека ќе се влоши состојбата. Тој додаде дека анкетата е спроведена пред актуелните збиднувања во Македонија.
На прашањето како го гледате вашето сопствено претпријатие 45 отсто од компаниите сметаат дека состојбата во сопственото претпријатие е многу добра, а 8 проценти велат оти нивното претпријате е во незавидна ситауција. На прашањето како ќе биде во иднина, какви ќе бидат прометот и приходите оваа година, 9 проценти велат дека ќе опаѓа прометот.
– Што се однесува до извозот, само 4 проценти сметаат дека постои опасност од намалување на прометот со странство, а 33 отсто сметаат дека ќе извезуваат повеќе што би се одразило на трговијата. 40 отсто сметаат дека ќе вработат нови луѓе, а 13 отсто мислат дека бројот на работните места во нивната фирма ќе се намали – рече Кнап.
Според анкетата, најлошите оценки се однесуваат на справувањето со корупцијата, политичката и социјалната состојбата и со платежната дисциплина. Додека најдобри оценки има за даночното оптоварување, кое на Македонија е реалтивно ниско и Управата за јавни приходи е оценета како добра, а најчесто во другите држави не е така.
-Бидејќи Управата во другите држави добива полоши оценки, во Македонија ми се допаѓа тоа што имаме поинаква ситација – рече Кнап.
Тој информира дека образовниот систем е оценет како добар и појасни оти најдобрите оценки се дваат за фактори кои се повразни со луѓе, со вработените кои се наоѓаат во државата и кои можат да бидат вработени. На новинарско прашање, Кнап одговори дека во моментов не се планирани нови инвестиции од Германија, ниту во Македонија ниту во државите од поранешна Југославија.
-Постоечките инвестиции се прошируваат, се вработуваат нови луѓе и тоа е доказ, форма на доверба- рече Кнап.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.