| четврток, 6 декември 2018 |

Во Македонија сум туѓа, но и своја

Елена Силјаноска е Русинка, која веќе 25 години живее и работи во Македонија. Таа е претседател на Координативен совет на руските сонародници во Македонија, професионален пијанист и корепетитор во Македонската опера и балет. За себе вели дека се смета за успешна жена, која во Македонија професионално секогаш го дава својот максимум. Има две ќерки за кои, како што вели, имале голема среќа што растеле со мирисот на есенскиот ајвар, ведри луѓе и со спокојот и хармонијата во земјата.

elena1234

Кога првпат дојдовте во Македонија?

На 29 декември оваа година се навршуваат 25 години од мојот престој во Македонија, половина од мојот живот го поминав токму овде. Поради овој временски период јас веќе се сметам себеси повеќе за Македонка, отколку за Русинка. Причината поради која дојдов да живеам во вашата земја беше брак со Македонец, се запознавме во Киев, пред бракот бевме во љубовна врска неколку месеци, а заедно останавме 13 години. Сега сум мајка на две прекрасни ќерки , кои студираат во странство, поголемата ќерка е на студии во Прага, а помалата во Санкт Петербург. Ние три денес функционираме како едно.

13051683_10209389243746874_9020897448951953468_n

Имавте ли тешкотии во навикнувањето на начинот на живот во Македонија?

Веќе одамна во продавница не ме прашуваат од каде сум? Во мојата ситуација, како странец во вашата земја, јас мислам дека имав среќа што овде дојдов во блажена состојба, поради што немав можност да се вклучам активно во животот. Раѓањето на првото дете носеше свои обврски, но со тоа донесе и месеци што ми помогнаа навистина да се приспособам. Го учев начинот на живот овде, живеев заедно со свекрва, сопругот и со золва. Комуникацијата со нив многу ми помогна без некој притисок да прифатам дека живеам во ново место, со нови навики. Фамилијарност, на тоа ме научи мојата покојна свекрва, која беше многу мудра жена. Многу ми се допаѓаше самиот начин на соживот со фамилијата, таа обврзаност. За среќа, моите деца пораснаа со тој спокој и хармонија овде, отворена влезна врата, слободно шетање во текот на ноќта, нешто што неможе да се замисли во Русија.

Споменавте дека веќе ретко кој може да забележи дека не сте од Македонија. Како го научивте македонскиот јазик ?
14344719_10207693105231256_1567077254572436922_n
Почнав да го учам јазикот гледајќи телевизија, комуницирајќи со фамилијата, пред сѐ и со моите соседи во Влае. Тоа за мене беше многу убав период. Инаку, професионално, за да го научам солидно македонскиот јазик ме натераа моите први ученици. Јас во Македонија почнав да работам прво како професор во приватно училиште и морав да научам да им напишам домашна задача. Иако македонската и руската азбука се многу слични, сепак моментот на оформување на вашата мисла ми беше нешто ново токму во тој момент кога морав да им давам задачи на учениците.
14962672_10210811141935486_6881975045976920157_n
Ви беше ли тешко да научите да приготвите некој македонски специјалитет?

Јас дојдов во традиционална македонска фамилија со охридско потекло. Со голема почит чувам и две народни носии од почеток на 20 век од мојата свекрва. Ја прифатив македонската храна, која за мене лично е одлична бидејќи јас многу ја сакам црвената пиперка. Малку се помачив со гравот. Научив да јадам луто. Тука научив да месам и да сукам. Но, како странец, навистина, ме изненади моментот при начинот на поставување на ручекот на маса, односно разликата во обемноста на намирници за ручек. Кај нас во Русија ручек е: салата, супа, главно јадење и десерт. Во Македонија најчесто има манџа, салата леб и тоа е доволно. Тоа ми беа првите шокови како млада невеста. Морам да кажам дека ми е жал што во Скопје е забрането правење ајвар на отворено. За мене Скопје го загуби најубавиот есенски мирис. Со комшии покрај ќумбе, ноќни лупења пиперки, врело лепче, трчањето на децата од една до друга фамилија да им се намачка ајвар за да вкусат кај кого е подобар. Тоа е, навистина, посебна магија на приготвување јадење, која ја има само овде.

Кои места најмногу сакате да ги посетувате во Македонија?

Охрид е мојата прва љубов. Уште како млада девојка прв град по Скопје што го видов беше Охрид. Шеталиштето и синилото пред мене, навистина, ме одушевија, денеска јас најмногу сакам да поминувам време во стариот дел на градот. Ја сакам природата, кога сум слободна одам и на Матка. Инаку поради моите концертни патување сум била во многу градови во земјава ,ги немам посетено само Струмица, Делчево и Неготино, кои се надевам дека ќе имам можност да ги видам.

elena123

Музиката е Ваша професија, Вие сте корепетитор во Македонската опера и балет. Која е Вашата оцена, има ли разлика меѓу македонскиот и рускиот народ во поглед на музикалноста?

Музикалноста е една од најубавите квалитети и карактеристики на македонскиот народ, поради тоа можам да кажам дека во Русија тоа не е толку изразено. И Русија има големи таленти, но кога ќе земете процентуално, има разлика. Чувството за музика е, навистина, убава карактеристика на македонскиот народ. Талентиран, ритмички оформен, имате таква ритмика што ме плени и ме натера да учам. Многу го сакам и македонскиот фолклор.

Колку професионално сте исполнети овде?

Јас сум странец што е вработен во национална институција, тоа го сметам за свој успех. Јас сум пијанист, корепетитор, човекот што го заменува оркестарот. Оваа професија има и педагошка функција. Со солистите вие учите улоги, им помагате сѐ да биде правилно отпеано, контрола и помош во тоа што го учи пејачот. Работам со хор кога имаме проби, бидејќи каква било проба прво мора да биде направена со пијанист. Корепетиторот е до финалниот момент пред да излезе опера или оперета. Многу ја сакам мојата работа, навистина ми е интересна, бидејќи цело време запознавам нови луѓе, нови пејачи, диригенти, ново читање на музика. Многу сум среќна. Само во театар можете да се чувствувате како жена, овде сите театарски мажи се многу љубезни и галантни, театарот сам му налага на маж што работи овде да биде таков. Мојата професија ме води и на многу патувања надвор од државата, јас ја претставувам Македонија колку што можам најдобро. Овде веќе три години работам и со студенти по соло-пеење, секоја есен ги подготвувам за натпревар во Софија на „Балканска романсијада“, а секоја година претставник од Македонија пее на централниот натпревар во Москва, оваа година земавме „Гран-при“. Со ова се гордеам многу, вака руската култура и музика им станува блиска на Македонците. Има една убава изрека, која вели: Свој среде туѓите и туѓ среде своите. Тоа сум јас, овде секогаш ќе бидам туѓа, но во исто време и своја.

Пишува: К.Н.К.

(Текстот е објавен во 221 бр. на Неделникот Република)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top