Кога изборите ги нарекувате нов референдум за независност, кога победата ја поврзувате со опстанокот на Македонија, кога поразот го третирате како катастрофа за сите граѓани, а не само за политичката партија што ја претставувате, нешто сериозно не е во ред. Точно е дека Македонија е во тешка политичка криза и дека од овие избори зависат многу работи во врска со македонската иднина, но, секако, тоа не е доволна причина од самиот старт на кампањата безочно да се лаже, да се даваат лажни неостварливи ветувања и да се менува реалноста по сопствено мислење затоа што ве понела атмосферата на партискиот митинг. Особено ако веќе важите за голем лажго.
Двојното лице на Македонецот Заев
Бездруго, ова важи за сите партии и политичари, но некако најеклатантен пример за вакво поведение е лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој, освен што самиот по кој знае кој пат се демантираше, во првите два дена од кампањата искажа уште десетици други нелогични, неконзистентни и апсурдни тврдења кои не само што можат да се дефинираат како црна кампања, туку и како обична безвредна лага што не ја заслужиле гласачите и симпатизерите на неговата партија. Десетина дена откако во емисија на ТВ „21“, запрашан дали ќе го менува Уставот за да можат Албанците да добијат двојазичност, рече дека тоа не се исклучува и дека тоа „ќе се случи кога ќе дојде прагматичната потреба“, тој на митингот во општина Аеродром изјави дека „нема да дозволи никој да го менува Уставот затоа што тој е гарант на мултијазичноста на Македонија“. Заев негира дека сака федерализација, но не негира дека планира да воведе двојазичност, нешто што претходно го стори прес-службата на неговата партија која по кој знае кој пат тврдеше дека партискиот лидер не бил добро сфатен.
Црна кампања од прв ден
Иако кодексот за фер избори предвидува кампањата да мине во фер и коректна битка во која аргументите и проектите ќе бидат приоритет, за Заев, очигледно, не е пречка своите политички противници да ги нарекува бандитска – криминална – мафијашка власт. И тоа го прави од позиција на човек што во моментот се соочува со две кривични пријави за поткуп и со случајот „Пуч“, а претходно беше помилуван од Бранко Црвенковски за криминал тежок 8 милиони евра во случајот „Глобал“. Иако Заев, поучен од своите претходни гафови, се обидува да не ги спомне членовите и гласачите на ВМРО–ДПМНЕ, тој со своите пораки индиректно иритира 160 илјади членови на владејачката партија и околу половина милион луѓе што гласаат за неа на последните избори и со тоа не може да се надева на помош од нив. Својот главен политички ривал Никола Груевски, за кого вели дека избегал од единицата за да се соочат во изборната единица 4, го спореди со нацистичкиот лидер Адолф Хитлер нарекувајќи го фирер, што не е спротивно само на изборниот кодекс туку и на голем број закони во Европската унија. Дополнително Заев, кој со Договорот од Пржино се обврза да не ги објавува и да не ги користи информациите од прислушуваните разговори, на првиот ден од кампањата се закани дека сака да го праша Груевски за теми поврзани со бомбите, што е далеку од духот на договорот потпишан со помош на ЕУ и на САД.
Со СДСМ ќе биде рај
Колку несериозно изгледа Заев на митинзите најдобро се гледа од неговите критики за Владата и проекциите за чекорите на СДСМ ако дојде на власт. Лидерот на СДСМ од една страна го обвини Груевски дека лаже кога најавува 14 илјади минимална плата до 2020 година и веднаш потоа, без око да му трепне, објавува дека СДСМ ќе ја зголеми минималната плата на 16 илјади денари. Во време кога, според лидерот на СДСМ, економијата пропаѓа, просечната плата ќе скокнела за 40 проценти.
Да не биде лагата мала дополнително вети 500 евра просечна плата, што е реално колку што беше реално ветувањето на Бранко Црвенковски кој на некои од претходните избори вети дека од секое македонско семејство ќе биде вработен по еден член. Додека критикува дека буџетот е во хаос и дека државата се задолжува, тој продолжува да ветува уште, па така бизнисмените „добија“ 140 милиони евра и ред други работи за кои не кажа како ќе бидат покриени. Најнејасно од сите ветувања дадени во првите денови на кампањата е она за бесплатно болничко лекување за сите.
(Текст објавен во 221. број на неделникот Република, 25.11.2016)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.