| четврток, 6 декември 2018 |

Детали од МВР за вчерашниот сомнителен предмет во авион на „Туркиш ерлајнс“

Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска излезе со информација за преземените мерки по претходно примена најава за сомнителен предмет во авионот „Туркиш ерлајнс“ кој синоќа требаше да лета на релација Скопје – Истанбул со кој требаше да патува и македонскиот претседател Ѓорге Иванов и други членови на македонска делегација.

Во 20:55 часот синоќа претставник на авиокомпанијата Туркиш ерлајнс известил дека во нивен воздухоплов, кој требал да полета за Истанбул, односно кој бил во движење кон пистата за полетување на aеродромот „Александар Велики“, бил пронајден сомнителен предмет, односно телефон. МВР соопшти дека по барање на капетанот, воздухопловот бил вратен на позиција за да се изврши инспекција, односно дополнителен преглед на целиот авион.

– Веднаш било постапено по пријавата и преземени биле мерки и активности согласно претходно изготвен план за вонредни состојби. Преземените мерки биле во координација со аеродромската служба за безбедност при ТАВ Македонија. Бил извршен безбедносен преглед на воздухопловот за откривање експлозивни направи. По извршениот разговор со сите служби кои беа инволвирани во настанот дојдено е до сознание дека од страна на еден патник на екипажот му било пријавено дека е пронајден мобилен телефон. Откако не бил пронајден сопственикот на телефонот била побарана дополнителна инспекција на возухопловот, стои во соопштението.

Патниците од воздухопловот биле симнати и внесени во аеродромската зграда, а по извршениот преглед и откако не било пронајдено ништо сомнително тие повторно биле вратени во воздухопловот. Авионот полетал во 22.56 часот за Истанбул и безбедно слетал на аеродромот во Истанбул во 23.58 часот.

– Од страна на службите од кабинетот на претседателот Иванов, кој, исто така требал да лета со воздухопловот, по добиените информации од страна на сите релевантни служби на аеродромот, одлучено било делегацијата на претседателот да не го продолжи патувањето, соопшти МВР.  Од натамошно патување се откажале уште седум други патници.

Пронајдениот телефон од страна на службата за безбедост бил донесен во Полициската станица за Граничниот премин Аеродром „Александар Велики“ Скопје, каде бил примен и заведен со потврда за пронајдени предмети.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top