| четврток, 6 декември 2018 |

Ѓорчев: ВМРО-ДПМНЕ со низа проекти за подобрување на економијата и животот во полошкиот регион

Низа проекти за жителите на тетовско и полошкиот регион најави носителот на шестата изборна единица од ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Ѓорчев кој се наоѓа во посета на Лешок.

-За овој тетовски регион, како и за целиот полошки регион имаме предвидено неколку проекти. Во основното училиште во Јагуновце ќе направиме нова спортска сала, но исто така и целосна реконструкција односно нов асфалт на неколку патишта, што во голема мерка ќе го олесни движењето, истакна Ѓорчев.

Тој додаде ќе биде отворена и подрачна единица на Министерството за земјоделство со цел да се олесни работата на земјоделците.

-За олеснување на работата на земјоделците, тука ќе отвориме подрачна единица на Министерството за земјоделие. Има доста земјоделци и на тој начин ќе можеме и да ги реализираме новите дополнителни субвенции коишто ги планираме. Важно е да се истакне дека досега соодносот држава-земјоделец беше 50:50 за набавка на земјоделска механизација, а отсега ќе биде 60: 50, што значи дека државата ќе покрива 60 проценти во набавката, истото важи и за осигурувањето. Тоа се нови позитивни новости на коишто ако ги надоврземе оние другите како пораст на минимналната и просечната плата, отворање на нови работни места и нови директни инвестиции, ќе дојде до позитивни движења во локалната економија, посочи Ѓорчев.

Носителот на изборната единица како еден од најклучните проекти ја истакна регулацијата на коритото на реката Вардар во должина од седум километри со што би биле спречени евентуални поплави.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top