| четврток, 6 декември 2018 |

Тодорoв од Кумановско: ВМРО-ДПМНЕ не ветува сешто, имаме реална програма со осмислени проекти

kum-todorov

Носителот на втората изборна единица од Коалцијата „За подобра Македонија“ Никола Тодоров денеска, заедно со кандидатите за пратеници од оваа изборна листа оствари средба со жителите на повеќе населени места во Куманово, меѓу кои и со граѓаните на населбата „Јане Сандански“ каде презенираше проекти од програмата „Реално“. ­

– Имаме програма што е реална, со добро осмислени проекти во кои е предвиден конкретен буџет, конкретни рокови, програма за чија гаранција дека ќе се исполни е отчетот, она што досега сме го направиле, изјави Тодоров по средбата со кумановци.

Тој додаде дека ВМРО-­ДПМНЕ не ветува се и сешто, за разлика од други партии.

– Ние ветуваме дека ќе го реализираме она за што се обврзуваме во програмата што ја презентираме. Не сакаме да го изгубиме образот. Има партии кои ветуваат дека ќе ги решат сите проблеми. Тој што ви ветува дека ќе ги реши сите проблеми, не ја говори вистината. Тоа е лага, сите проблеми никој не може да ги реши, истакна Тодоров.

На овие избори, посочи, секој граѓанин треба да одлучи прво за себе,а потоа и за државата, да се запраша со кого ќе му биде подобро, со ВМРО­ДПМНЕ и Коалицијата или со СДСМ.

– Подобро за државата ќе биде ако ја води ВМРО­ДПМНЕ или ако ја води СДСМ, тоа е едноставен избор, потенцира Тодоров.

Според него, отчетот на СДСМ за програма што ја нуди во најголема мера е составен од уништените и затворените фабрики, од избрканите луѓе, стечајците, запуштената здравствена и образовна инфраструктура.

Носителот на Изборната листа посети и повеќе села во општина Старо Нагоричане каде на жителите им презентираше проекти наменети за развој на руралните подрачја. Во програмата, рече, се предвидуваат 600 милиони евра за субвенции на земјоделците, како и 80 проценти поддршка за трошоците за набавка на системи за наводнување „капка по капка“. ­

– Тоа е проект што треба да озвоможи поголем број земјоделци да набават вакви системи и 80 проценти од тоа што ќе го платат, државата ќе им ги врати како грант, односно ако имаат определена инвестиција во висина од 1.000 евра за набавка на ваков систем во период од месец и половина или два, државата ќе им врати 800 евра, изјави Тодоров кој го презентираше и проектот со кој се овозможува поврат на средства до 80 проценти за набавка на високоприноесен добиток по истиот принцип.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top