Бенфика е проколната екипа или има голема доза на суеверие, но интересна е приказната за Гутман и неговата клетва од пред половина век насочена кон гигантот од Лисабон. Вчера Бенфика го загуби седмото финале во низа во европските купови, а подобар беше Челси и го освои пехарот во Лигата на Европа, на УЕФА.
Приказната за унгарскиот тренер Гутман датира од почетокот на 60-тите години на минатиот век. На двапати со него на кормилото, Бенфика беше европски првак, во 1961 година и следната сезона, а проклетството датира оттогаш. Имено, Гутман барал скромно зголемување на платата, но претседателот на клубот дрско го одбил. Разочаран од односот кон него, Гутман тогаш ја изговорил реченицата што и ден денес ги мачи симпатизерите на популарните „Орли“ од Лисабон.
„Во следните 100 години Бенфика нема да освои европски трофеј“, рекол Гутман и си заминал. И оттогаш поминаа цели 50 години, а португалскиот клуб загуби пет финалиња во Купот на шампионите, сега преименуван во Лига на шампионите, еден Куп на УЕФА и едно финале во Лигата на Европа. Гутман предводеше блескава генерација на Бенфика, а тој го „откри“ и Еузебио, една од најголемите фудбалски икони на сите времиња.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.