| четврток, 6 декември 2018 |

Родилката, веројатно, починала од токсичен шок – сметаат во штипската клиничка болница

stip

Токсичен шок, најверојатно, е причина за смртта на 26-годишната трудница, која вчера почина на Клиничката болница во Штип – укажуваат првичните претпоставки на лекарскиот тим, кој се борел вчера за нејзиниот живот.

Сепак конкретната причина за смртта ќе се знае по обдукцијата. Борбата за живот на младата штипјанка траела пеколни три часа.

Трудницата, која била во деветтиот месец од бременоста, со висока температура се јавила завчера во Брзата помош каде што ѝ биле дадени упатства за соодветна терапија. Состојбата не ѝ се подобрила и таа вчера се јавила кај својот матичен гинеколог, кој поради симптомите на повраќање и температура ја упатил на инфективното одделение. Со оглед на тоа дека немало подобрување на состојбата, а пациентката паѓала во шок, биле преземени мерки за утврдување на состојбата на бебето. Во 12.30 бебебето било живо, па се пристапило кон царски рез, меѓутоа детето е извадено мртво, а смртта на жената е констатирана во 13.30 часот.

Анестезиологот, Ванчо Ѓоргов на прес-конференцијата истакнал дека се преземени сите дејства за да се спаси животот на трудницата. Според лекарскиот тим, бременоста на жената била уредно водена и била во ред. Сепак, обдукцијата ќе го каже последниот збор.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top