| четврток, 6 декември 2018 |

Кој ќе го помине денешниот филтер во СДСМ?!

Извршниот одбор денеска ќе ги „филтрира“ кандидатите за претседатели на СДСМ. Се очекува извршниот одбор на партијата вечерва да ги прогласи за можни кандидати откако ќе разгледа дали сите кандидатури се уредно доставени и содржат програма за раководење со партијата.

Во партијата досега пристигнале 13 кандидатури. Некои се кандидирале сами, а некои пак се предложени од општинските организации. Кандидатури поднесоа Кире Наумов, Зоран Заев, Зоран Јовановски и Игор Ивановски. Но, на листата на предложени е и актуелниот лидер Бранко Црвенковски, Александар Наумовски, кој беше кандидат на СДСМ за градоначалник на Ѓорче Петров, пратеничката Тања Томиќ, кумановскиот градоначалник Зоран Дамјановски, членот на партискиот дипломатски совет Стево Пендаровски. Вечерва ќе се направи потесен список. Можно е и исклучување на кандидати поради субјективен суд на членовите на извршниот одбор. Статутот вели дека кандидатите треба да бидат истакнати членови што уживаат висок јавен углед и се многу ценети од членството. Но поминувањето на извршен не значи и дефинитивна кандидатура. Имињата што ќе бидат утврдени денеска ќе го стекнат статусот „можен кандидат“, а потоа ќе треба да се претстават со своите програми пред општинските организации. Во зависност како ќе помине нивното претставување и какви ќе бидат реакциите на организациите, непосредно пред конгресот, Централниот одбор ќе ја утврди конечната листа на кандидати.

На јунскиот конгрес, кој брои 705 делегати, има три сценарија за гласање, во зависност од тоа колку кандидати ќе останат во финалната трка. Доколку има три или повеќе кандидати за лидер, ќе има два круга на гласање. Според статутот за некој да биде избран, потребно е еден од кандидатите да освои мнозинство од присутните, но притоа мора да има повеќе од една третина од вкупниот број делегати. Доколку бидат понудени двајца кандидати, лидерот ќе се избере во првиот круг бидејќи оној што има поголем број гласови, автоматски ќе има и минимум една третина од вкупниот број делегати. Во случајот „единствен кандидат“, пак, ќе се гласа „за“ или „против“ и истиот ќе се смета за избран ако за него гласа мнозинството од присутните.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top