Не се менува политиката кај социјалдемократите, блиската историја вели дека досега немаат победено на ниту едни избори на легален и на легитимен начин. Во изминатите 25 години СДСМ добивал избори или со преземање на власта преку изгласување недоверба кон партијата што имала мнозинство пратеници во Собранието, или благодарение на бојкотот на изборите од страна на ВМРО–ДПМНЕ, како што беше во 1994 година, или со делење 150.000 државјанства на Албанци од Косово кои требаше да гласаат за кандидатот предложен од СДСМ, или преку монтирана војна во државата и преземање на власта со уцена на својот народ.
Изминатите денови Заев, покрај тоа што на Македонците им кажа дека се грди, а тие му одговорија дека се „грди“, но горди, на јавноста експлицитно ѝ одгатна зошто се случи „Диво Насеље“. Во една од телевизиите каде што лидерот на СДСМ беше поканет на дебата, еден од неговите соговорници го праша дали ќе се случеше „Диво Насеље“ доколку ВМРО-ДПМНЕ поднесеше оставка за три дена по објавувањето на бомбите, како што очекувале во СДСМ, Заев одговори дека доколку поднела оставка, немаше да се случи „Диво насеље“. Овој одговор е признание за тоа зошто се случи „Диво Насеље“ и кој стоеше зад тоа. Значи, случувањата во „Диво Насеље“ зависеле директно од давањето оставка на Владата. А, кој бараше оставка? Сигурно ВМРО- ДПМНЕ не си бараше оставка сама на себе, оставка бараше СДСМ и тука е признанието. Доколку нема оставка, ќе има пукање, ќе биде војна, како што разговараа во еден разговор блиските соработници на Заев, а кој имавме можност да го видиме сите, оставка немаше и следуваше пукање кое требаше да прерасне во нова војна во Република Македонија.
Планот да се извршат симултано неколку напади во кумановскиот регион, по што требало да се покрене војна, исто како што беше симултаниот напад на полициската станица во Теарце и на возот Скопје-Кичево, по што следуваше Танушевци и почна војната во 2001 година, беше спречен од безбедносните сили на Република Македонија, кои пожртвувано ја спасија државата од нова војна и од поделба.
Доколку земеме предвид што сѐ нуди Рамковниот договор и фактот дека е спроведено речиси сѐ од него, следни барања, бидејќи веќе нема што да се бара, би биле физичка поделба на државата, нејзина федерализација како стадиум пред поделба.
Поврзаноста помеѓу Заев и настаните во Куманово ни го надополнува уште еден сегмент од неговата политика во последниот период. Си го поставувам прашањето дали Заев и неговите најблиски соработници ги ставаат на маса барањата што биле содржани во коминикето на групата во „Диво Насеље“, која требала да го објави по извршувањето на нападите. Дали двојазичноста, која ја бара Заев, била дел од барањата во коминикето? Дали ударните пропагандисти на СДСМ преку текстовите насловени како „Ајде да зборуваме за федерација, зошто да не?!“, всушност, ни ја соопштуваат содржината на коминикето од „Диво Насеље“
Федерализацијата на Република Македонија била есенцијата во кризата која ја создаде Заев и истата трае веќе две години. Откако пропадна планот со „Диво Насеље“, кампањата се сврте во друг правец, Заев почна да бара поддршка од Албанците во државата, додека кај Македонците почна да нуди нереални проекти или проекти што веќе се спроведени од Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Токму фактот дека СДСМ нема смислено ниту еден проект за водење на кампањата пред престојните парламентарни избори е доволен индикатор дека тие полагал надеж во насилното преземање на власта во државата.
Токму поради тоа денес СДСМ, на чело со Зоран Заев, стои многу слабо и на другиот дел од кампањата, оној конструктивниот. Ги слушаме деновиве како ветуваат дека секој вработен ќе зема по 30.000 денари плата, притоа не нудат план како ќе го овозможат тоа. Исто така, Црвенковски го ветуваше она познатото „по еден вработен во секоја фамилија“ кога ние не го разбравме човекот, а убаво си кажа, таму каде што имаше вработени двајца во фамилија, едниот леташе од работа, ветено – сторено, еден вработен во фамилија, а другите дома. Исто такво ветување нудеше Радмила Шекеринска кога на изборите во 2008 година изјавуваше дека ќе ја внесе Македонија во НАТО и во ЕУ за две недели, и исто како и денес со ветувањето за 30.000 денари плата, и тогаш Шекеринска не кажа како ќе го направи тоа.
Од СДСМ ветуваат дека младите по дипломирањето ќе добивале работа, а државата ќе им давала по 5.000 евра помош за да покренат свој бизнис. Ова е толку вулгарно што оди до граница да си го правиш глупав сопствениот народ, онака, арогантно да му викаш во лице дека е глуп. Зошто? Моментално државата има стратегија за вработување млади лица, веќе неколку години Владата преку проектите „Македонија вработува“ и слично дава неповратни средства за започнување приватен бизнис. Последните резултати од работата на Владата велат дека само во Скопје невработеноста е намалена за 49 проценти или во бројки од 2006 година до денес само во Скопје се вработени повеќе од 41.000 граѓани. Ова е пораз за СДСМ, пораз бидејќи наместо да се стремат да ги надминат овие бројки, тие решиле да нѐ убедуваат дека тие не се точни, решиле да нѐ прават глупави при мозок, решиле да ни ја навредуваат интелегенцијата.
На наредните избори народот ќе одлучува, а од она што е приложено, евидентно е дека изборот нема да му биде тежок.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.