Министерството за образование и наука објави јавен повик за доделување на неповратни средства наменети за основни и средни училишта кои во тековната, учебна 2016/2017 година ќе реализираат проекти, односно активности што придонесуваат за развој и унапредување на мултикултурализмот, меѓуетничката интеграција и толеранција, информираше заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски.
Овие проекти, односно наставни и воннаставни ученички активности, потребно е училиштата однапред да ги имаат испланирано во Годишните програми за работа и истите да ги реализираат индивидуално, доколку се работи за училиште во кое наставата се спроведува на повеќе наставни јазици, или пак, во партнерство со некое друго училиште од истата или друга општина.
– За секој проект, односно активност поединечно ќе бидат исплатувани до 30.000 денари, а ќе бидат финансирани вкупно 80 училишта и тоа, 60 основни и 20 средни училишта. Предуслов за одобрување на грантот е финансиско учество на самото училиште од минимум 10 отсто од вкупниот износ на грантот, рече Ристовски, додавајќи дека крајниот рок за доставување апликации на електронската адреса grantintegracija@mon.gov.mk е 17 декември 2016 година.
Селекцијата, врз основа на критериумите наведени во јавниот повик, ќе ја спроведува посебна комисија, формирана исклучиво за оваа намена, а составена од претставници на Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието и Државниот просветен инспекторат.
Листата со училишта на кои ќе им биде одобрен грант, ќе биде јавно објавена најдоцна до 31 јануари следната година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.