| четврток, 6 декември 2018 |

Пукале кон возачот и побегнале, а ранетиот возел кон болница- МВР со детали за инцидентот на Партизанска

Министерството за внатрешни работи остро ги осудува обидите за ширење дезинформации и невкусни инсинуации со цел добивање на политички поени, а на сметка на девалвирање на професионалноста на вработените во МВР“, се наведува во соопштението од МВР во врска со синоќешниот инцидент на булеварот „Партизански одреди“ кога автомобил се удри во жардињера кај бензинската станица „Макпетрол“, а возачот со рани од огнено оружје е пренесен во болница.

-За таа цел МВР ја информира јавноста дека интензивно, професионално и непристрасно работи на расчистување на настанот од минатата ноќ во кој беше повредено едно лице.

Имено, минатата ноќ, непосредно по полноќ, во Ургентниот центар „Мајка Тереза“ донесено е лицето Д.Т. со повреди здобиени од огнено оружје. Од страна на екипи на СВР Скопје излезено е на лице место, извршени се разговори со повеќе лица и преземени се неопходните оперативно-технички мерки, при што е утврдено дека околу 23:30 часот на се уште неутврдено место од страна на непознат сторител со употреба на огнено оружје биле испукани неколку истрели кон повредениот, кој најверојатно се наоѓал во неговото ПМВ, при што сторителот се дал во бегство во непознат правец. Повредениот најверојатно се упатил кон Градската општа болница и движејќи се по бул. Партизански одреди со своето ПМВ Голф 5 удрил во бетонска жардињера, при што возилото се превртело. По настанот, од страна на случаен минувач, кој се движел со своето возило по бул. Партизански одреди, била повикана итна медицинска помош и повредениот Д.Т. е примен во Ургентниот центар, каде поради сериозноста на повредите е извршен оперативен зафат и констатирани се тешки телесни повреди. Повредениот по оперативниот зафат се уште се наоѓа во животнозагрозувачка состојба.

Од страна на СВР Скопје известено е јавното обвинителство, кое увидот на лице место го препушти на увидната екипа на СВР Скопје. По извршениот увид на лице место, ПМВ е пренесено во кругот на МВР за понатамошно вештачење. Од страна на СВР Скопје се работи на целосно расчистување на случајот и идентификување на сите инволвирани лица- стои во соопштението од МВР.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top