| четврток, 6 декември 2018 |

ДИК целосно ги отфрли листите на СДПМ

Државната изборна комисија по повторното разгледување и констатирање низа неправилности, денеска на седница едногласно реши целосно да ги отфрли кандидатските листи на Социјалдемократската партија на Македонија (СДПМ) за предвремените избори на 11 декември.

Членот на ДИК, Атанас Урумов, образложи дека ДИК при повторното разгледување на оригиналните документи од СДПМ увидела несовпаѓање на потписите на одредени кандидати во изјавите што треба да ги потпишат, некои изјави биле со датум 11 мај 2016, а имало неправилности и во изјавите за неосудуваност и друго. Неправилности се констатирани во листите на СДПМ за сите изборни единици.

Членовите на ДИК сметаа дека листите треба да бидат отфрлени, а партијата СДПМ има право да ја обжали одлуката во рок од 24 часа пред Управниот суд.

Силвана Бонева предложи листите да бидат отфрлени, а Игор Милев потенцира дека некој со умисла и свесно сакал да ја стави во заблуда ДИК.

Освен овие неправилности, на листите на СДПМ, носители беа лица со слични имиња и презимиња на кандидати од друга политичка партија.

Државната изборна комисија на денешната седница треба да го разгледа и усвои Конечниот извештај за пријавите на граѓаните чиишто записи во избирачкиот список по спроведените административни и теренски проверки се спорни.

Членовите на Комисијата треба да го рагледаат и усвојат и Конечниот извештај по поднесените пријави од државјаните на Република Македонија кои се на привремена работа или престој во странство, а се пријавиле за гласање во ДКП.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top