| четврток, 6 декември 2018 |

Тинејџерот кој го подели Израел: „На ова судење не постои лице кое не лаже и тоа е тажно“

На воениот суд во Израел во тек е судење кое длабински ја подели државата. Иако станува збор за судење на 19-годишен израелски командир, всушност се работи за процес во чиј фокус е израелската војска, т.е. млади жени и мажи кои државата ги става во служба на заштита на граѓаните и одржување на речиси 50 годишна окупација.

На обвинителна клупа пред воениот суд се наоѓа млад регрут обвинет за убиство. Во март оваа година, командирот Елор Азарија од блиску испукал куршум во глава на палестински напаѓач. Напаѓачот во тој момент веќе бил онеспособен и ранет, лежел на земја откако со нож нападнал израелски војници, пишува „Вашингтон Пост”.

Дали причината е омраза или самоодбрана?

Оваа верзија на настанот воопшто не е спорна. „Вашингтон Пост” објави снимка од пукањето снимена со мобилен телефон. Видеото од убиството е пратено до израелската организација за човекови права „B’Tselem”, која го проследи до медиумите.

Двајца Палестинци на 24 март со ножеви нападнале израелски војници на една од воените контролни точки, поставени за заштита на 850 еврејски жители кои живеат во срцето на стариот град Хеброн, опколени со 200.000 Палестинци. Израелските сили молневито реагирале. Двајцата Палестинци биле стрелани, а едниот од нив Рамзи веднаш умрел. На снимката се гледа како главата и раката на другиот напаѓач Абдула Фатах ал-Шариф лесно се помрднуваат.

Никој не реагирал на пукањето

На снимката потоа се гледа како Азарија од рамото ја симнува пушката и пука во Шариф. За тоа време, во нивната непосредна близија стоеле околу десетина војници, службеници, лекари и други луѓе. Многумина потоа забележале дека никој од нив не реагирал на истрелот. Едноставно продолжиле со својата работа.

Многу Израелци и Палестинци веруваат дека таа видео снимка е единствена причина поради која дошло до судење на 19 годишниот Азарија. Главното прашање во судницата гласи: Зошто Азарија го застрелал Абдула Фатах ал-Шариф во глава? Дали основната причина за убиството е омраза или самоодбрана?

Од друга страна, многу Израелци го поставуваат прашањето зошто воопшто дошло до судење, сметајќи дека Елора Азарија поради ова убиство треба да се одликува, или во најлош случај евентуално да се казни.

„Терористите треба да се убијат”

rtx2aplw1478012352

„Терористите треба да се убијат” – изјави Узи Дајан, генерал на израелската војска кој сведочеше во корист на Азарија. Дајан објаснил дека тој, додека служел како командант во 90-тите години дозволувал убивање на терористи, дури и кога не претставувале директна опасност.

Израелскиот Институт на демократијата и Универзитетот во Тел Авив минатиот месец објавија истражување кое покажало дека 47 отсто еврејски Израелци поддржуваат убивање на терористи кои ги напаѓаат Евреите на лице место, „дури и ако напаѓачите се уапсени и не претставуваат моментална опасност”.

Поддршката за убивање на терористи е најголема меѓу младите и религиозни Израелци. Од нив 45 отсто рекле дека такви терористи треба да се препуштат на власта.

Израелскиот министер за одбрана по инцидентот изјави дека постапката на Азарија претставува тежок прекршок на воените вредности и етичкиот кодекс. Но, не се согласуваат сите со таа оценка. По апсењето на Азарија, централниот плоштад во Тел Авив беше преплавен од илјадници луѓе кои дошле да изразат поддршка на Азарија и неговото семејство.

„Терористот бил жив и морал да умре”

Мајор Том Наман кој во моментот на инцидентот бил командант на Азарија, во своето сведочење рекол дека Азарија веднаш по пукањето го обавестил дека „терористот бил жив и дека морал да умре”.

Наман рекол и дека местото на кое се случил нападот било обезбедено и дека напаѓачите биле „неутрализирани” и дека не претставувале никаква опасност. „Бев лут што пукањето се случи без мое одобрение”.

Азарија малку ја променил приказната

Во првото испитување Азарија рекол дека се плашел од ножот и експлозивните направи. По сведочењето, Наман примил многу гневни телефонски повици, а на социјалните мрежи е наречен предавник.

По разговорот со првиот претпоставен, Азарија бил испитуван од високиот офицер Дејвид Шапира. „Го прашав зошто пукал. Го прашав Елора: Си стоел во близина. Зошто со нога не си го турнал ножот? Тој ми одговори: Чувствував дека сум во опасност”.

Му реков дека не верувам дека ми ја зборува вистината, бидејќи по инцидентот на својот командант му рекол нешто друго. На тоа, премолче. Шапира објаснил дека во тој разговор Елор не навел никаков страв од бомба, само од ножот кој се наоѓал близу терористите.

Од друга страна, адвокатите на одбраната тврделе дека нивниот клиент пукал во напаѓачот бидејќи се плашел од скриена бомба, а не од ножот. Во корист на обвинетиот сведочеле неколку високи воени офицери. Еден од нив, Закаи изјавил дека го погледнал видеото и рекол дека смета дека потегот на Азарија е смирен и промислен: „Претпоставувам дека бил исплашен поради експлозивна направа” – изјавил тој.

Генерал Дени Битон во ова сведочење рекол: „Ако војник убие без никаква причина, треба да оди во затвор. Но, во овој случај, не се согласувам со обвинителите”.

Битон на обвинителите одговорил со контра прашање: „Дали секој војник во борба треба да оди со адвокат?”; напаѓајќи го обвинителството дека на тој начин, со испитување на делувањата на војниците на терен ја „кастрираат војската”.

„На ова судење не постои лице кое не лаже и тоа е тажно” – рече тој.
Новиот министер за одбрана Авигдор Либерман во септември рекол дека Израел мора да ги поддржи своите војници па дури и кога ќе погрешат. „Зборуваме за 18 и 19-годишни млади луѓе” – изјавил тој.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top