| четврток, 6 декември 2018 |

Капело објасни како од Ибрахимовиќ направил врвен голгетер

kapelo-i-ibrahimovic

Фабио Капело откри дека се обидел да го донесе Златан Ибрахимовиќ во Рома, а потоа успеал да го смени во Јувентус.

Поранешниот англиски и руски селектор во интервју за „Медијасет“ зборуваше за неговиот однос со шведскиот напаѓач, кој сега го носи дресот на Манчестер Јунајтед. Двајцата беа заедно во Јувентус од 2004 до 2006 година.

– Го видов Ибра првпат кога бев тренер на Рома и сфатив дека има одлична техника. Сакав да го донесам во Рома, но тогаш имавме многу напаѓачи, Габриел Батистута, Франческо Тоти, Винченцо Монтела, Марко Делвекио и Антонио Касано, па не се ни обидовме да го ангажираме. Кога отидов во Јувентус, побарав од клубот да потпише со него, бидејќи немав видено играч со неговата физичка сила и технички квалитети – се сеќава Капело.

Сепак, тој вели дека на почетокот, Ибрахимовиќ не бил природен голгетер.

– По еден месец во Јувентус, забележав дека не ја шутира топката многу добро и не беше добар во воздух. Тој е многу горд човек и работеше напорно секој ден за да се подобри. Остануваше и по тренинзите и за дополнителни вежби. Тогаш, головите не беа во неговата ДНК и позабавно му беше да асистира. Сепак, го послуша мојот совет да биде порешителен пред голот и потоа стана вистински голгетер. Тој е скромен, но истовремено сака да биде и број еден – додаде италијанскиот стратег.

Постои анегдота дека Капело го трансформирал Ибрахимовиќ, покажувајќи му видеа од Марко ван Бастен.

– Тоа е апсолутна вистина. По два месеца во Јувентус, му кажав дека ги има истите технички квалитети како Ван Бастен и му ги покажав движењата што ги правеше Холанѓанецот во шеснаесетникот. Тој сфати што е потребно и мислам дека сите ги гледате резултатите – потврди Капело.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top