Урсула Хорнер е австриска режисерка, која веќе десет години живее во Скопје, а на македонската публиката ѝ е добро позната бидејќи ги постави едни од најпосетуваните претстави во МОБ. Нејзината специфичност во режирањето на оперите ја прави, навистина, уникатна, си игра со ликовите, сценографијата, со костимите, по што резултатот е динамична поставка на една од најпопуларните опери во класиката. Покрај професионално исполнет живот, таа во Македонија го наоѓа и својот животен сопатник, со кого заедно, како што открива за „Република“, го реализира својот детски сон, да има своја куќа каде што го наоѓа спокојот.
Кога првпат дојдовте во Македонија?
Уши: Првпат дојдов пред повеќе од десет години со една организација што не постои веќе,а се викаше ЦЕЕ музички театар. Организацијата беше како поддршка на оперска музика во овој регион. Тогаш ја режирав „Италијанец од Алжир“, така преку работата ја пронајдов и својата љубов, се вљубив, овде го најдов мојот сопруг. Во тој период работите за мене почнаа, навистина, да се менуваат. Ќерка ми матурираше, таа е професионална балерина, доби работа и беше целосно независна. Така што сега можев и јас да размислувам да почнам нов живот, така решив да живеам овде. Мене, навистина, ми одговараше, бидејќи овде животот е навистина поевтин, овде со мојата заштеда можев да си купам стан, додека во Австрија тие средства можев да ги планирам само за стан под наем.
Вие сега во Македонија важите за, навистина, реномирано име во светот на операта, колку професијата беше таа што Ве задржа овде?
Уши: И за мене беше изненадувачки на почетокот кога решив и професионално да продолжам со режирање опери во Македонија и да творам во овој оперски свет бидејќи за мене ова не е само занает, не е само професија, тоа е, исто така, и голема љубов, страс кон тоа што сакам да го работам. Не може да се работи во овој жанр без таква емоција. Тука видов дека можам многу да дадам од себе, во Европа веќе сѐ е видено, додека тука речиси сѐ што правев беше нешто ново. Овде направив проект за најмладата публика, за деца од три до шест години. Јас сакам да работам со млада публика, ние сите имаме нешто од детето во себе. Затоа не треба да го потиснуваме тоа, треба да бидеме свесни дека треба да уживаме во животот, во моментот, исто како децата. Овде имам отворени раце да режирам опера за сите генерации и тоа, навистина, ме исполнува.
Колку на почетокот Ви беше тешко да се приспособите на начинот на живеење овде?
Уши: Од почеток имав среќа веднаш да најдам пријатели, кои и денес ми се многу добри пријатели. Со нив и лесно се навикнав на животот овде. Јас карактерно сум многу комуникативна личност. Овде имам тим со кој размислуваме многу исто и десет години соработуваме беспрекорно. Моето спријателување со Македонците не беше тешко, но со текот на времето тие што биле вистински пријатели остануваат, други, како и секаде во светот, се само познајници.
Многумина странци знаат да кажат дека македонскиот јазик не е лесен за учење, кој е Вашиот став за тоа?
Уши: Во првата година јас зборував само англиски јазик, македонскиот јазик не го разбирав, но со текот на годините научив да зборувам македонски, иако сѐ уште правам некои грешки. Не сум посетувала школа за јазикот. Македонскиот ми е првиот јазик што го научив преку комуникација со луѓе овде. Сѐ што сака човек да научи, може, треба само да се има желба. Мене ми беше јасно кога решив да живеам овде дека за најкратко време треба да го научам јазикот.
Како професионалец, што мислите за квалитетот на оперските пејачи во Македонија?
Уши: Македонија има многу музикален народ. Јас имав чест да работам со една група македонски професионалци, кои сега се веќе во Германија и во Австрија. Сѐ уште „жалам“ по нив. Но, со секој нов проект, проби, аудиции со волонтери или во хорот се издвојуваат изведувачи на кои претходно си мислел дека нема да наидеш. Овде има неколкумина, навистина, успешни оперски пејачи за кои во иднина многу ќе слушаме.
Постои ли нешто македонско што би го издвоиле како единствено?
Уши: Дефинитивно, македонската ракија. Јас ја обожувам, а и моите пријатели од Австрија, исто така. На пример, кај нас има ракија со различни вкусови, но не постои нешто како што е вкусот на македонската ракија. Многу ми се допаѓа и македонското пиво. Морам да истакнам дека и ајварот е, навистина, убав, оваа година првпат го подготвуваме и дома. Како вегетаријанка, сакам да кажам дека Македонците се, навистина, среќни што сѐ уште имаат здрав зеленчук, кога го јадеш знаеш дека не е пластика.
Ги споменавте пријателите што Ви доаѓаат од странство, како го минувате времето со нив кога се овде?
Уши: Иако ретко, тие знаат да ме посетат. Со нив најмногу сакам да се дружам во домашна атмосфера, но и тие, како и јас, многу сакаат да поминат време во Охрид. Јас тоа го сакам, можеби, бидејќи сум романтичар, Охрид е градот каде што сѐ почна со мојот сопруг, а тие поради уникатноста, уметничката нишка и убавината што ја има. Мислам дека нема човек што го посетил и останал рамнодушен на овој град.
Малкумина знаат дека Вие сте борец за здрав живот и за еколошка средина, во Македонија ја изградивте и Вашата еколошка куќа, како дојдовте до оваа идеја?
Уши: Јас и мојот сопруг цел живот претходно живеевме во стан, а од деца и двајцата сонуваме да живееме во куќа. Економски беше изводливо. За среќа, овој сон ни се исполни и овде го реализиравме. Јас сум човек што сака од рециклирани материјал да направи нешто корисно, сметам дека треба да се штеди и на електрична енергија, затоа користиме и соларна, во куќата дури направивме и свое езерце каде што имаме пумпа што ја прочистува водата исто како да е нова. Имаме своја градина. Во Радишани е мојот рај.
Пишува: К.Н.К
(интервју во 219 бр. на Неделникот „Република“)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.