Поголема финансиска помош за спортските федерации, ангажирање врвни тренери, даночни ослободувања за фирми кои ќе инвестираат во спортот и финансирање спортови без своја лига се мерките што неодамна ги најави Владата, а чијашто цел е да помогнат во развојот на домашниот спорт, да го кренат барем едно ниво повисоко и поблиску до врвни резултати.
Првиот спорт што ќе ги почувствува благодатите од последната спомната мерка и директно ќе добие финансиска инјекција ќе биде боксот. Како спорт кој во Македонија сѐ уште нема професионална лига, спортските работници и спортистите кои се занимаваат со бокс веќе се мобилизираа и почнаа со активни подготовки за новините во нивната бранша.
Претседателот на Боксерската федерација на Македонија за најавените мерки вели дека се нешто што му било потребно на овој спорт и дека очекува тие да го зголемат бројот на боксерски клубови во земјава, но и да го подигнат боксот на пиедесталот на кој заслужува да биде.
– Боксот е олимписки спорт кој треба да се развива во оваа држава и да застане таму каде што му е местото. Според ветувањето, кое со сигурност ќе биде реализирано, да се формира боксерска национална лига која ќе оперира од 2017 година, сигурен сум дека ќе го вратиме боксот на нивото на кое треба да биде. Со имплементацијата на мерките очекуваме зголемување на бројот на боксерските клубови и на боксерите во земјава, а со квантитетот сигурен сум дека ќе се дојде и до квалитет – вели Игор Златков, претседател на Боксерската федерација на Македонија.
– Боксерската лига, која ќе започне да функционира од следната година, ќе биде оформена така што ќе има осум најквалитетни клуба во првата и уште осум во втората боксерска лига. Критериумот според кој ќе бидат распоредени клубовите ќе биде квалификационен турнир на кој сите клубови што ќе се пријават, ќе имаат можност да го покажат својот квалитет и според тоа да бидат сместени во поквалитетната или во втората лига – објаснува Златков.
Според најавите на проектот, финансирањето на лигата ќе се одвива на тој начин што секој боксер што ќе победи во натпревар, ќе добие 350 евра. Секој пораз ќе биде награден со 150 евра, за нерешен резултат боксерот ќе добие 200 евра. Дополнително ќе има финансиски средства за тренерите по 200 евра од натпревар, како и за судии, делегати и лекари, и по 100 евра за помошниот персонал што ќе учествува на натпреварот.
Како што информира Златков, во Македонија моментално има 30 регистрирани боксерски клуба, од кои 18 се активни. Во нив има околу 80 регистрирани боксери, но со најавените мерки овој број најверојатно ќе порасне.
За големите натпреварувања и за очекувањата од нашите боксери за Олимписките игри во Токио во 2020 година, Златков вели дека можеби 2020 година е премногу бргу затоа што акцент сега ќе треба да се стави на најмладите. Меѓутоа, во 2024-2028 година, се чини, ќе мора да се оправда сѐ на што сега работат како федерација.
Предвидените мерки и директните инвестиции за унапредување на спортот во Македонија, конкретно и во боксот, како вистински и потребен поттик и поддршка ги оцени и Оливер Станков, претседател и тренер во боксерскиот клуб Аперкат од Скопје, кој веќе долги години е активен на домашната боксерска сцена.
– Најавените мерки за инвестиции во спортот можам да кажам дека се навистина потребни и би ги оценил како нешто што му беше неопходно на боксот во Македонија. Јас лично би бил задоволен половина од тоа што е предвидено да се реализира затоа што и тоа би имало одличен ефект. Предвидените мерки и формирањето професионална лига, навистина, ќе направат чудо за боксот во Македонија. Овој спорт може да се каже дека стагнира речиси една деценија во нашата земја, а последни боксери кои забележале резултати во боксот се Вели Мумин и Примислав Димовски, од кога помина доста време. Со предвидените инвестиции боксот со сигурност ќе го качиме на повисоко ниво. Боксерските клубови веќе се мобилизираа и почнаа да работат со засилено темпо, на привлекување нови членови од сите возрасни категории. Спортските работници во боксот како да добија елан и изминатиот период се активираа повеќе од кога било, вели Станков.
– Уште пред да бидат најавени вложувањата и мерките за поддршка на боксот, јас и уште пет тренери кои работиме во домашните клубови бевме на обука на АИБА, каде што успешно го минавме процесот и се здобивме со признанија. Со подигнувањето на нивото на боксот во Македонија, само еден од плановите за развој на спортот е да се ангажираат спортски психолози кои ќе работат со боксерите и ќе им помогнат во тренинзите, завршува тој.
За почетоците на македонскиот бокс и за „Златниот гонг“
Првиот човек на Боксерската федерација вели дека боксерскиот спорт во нашата земја ги имал своите први чекори пред повеќе од еден век, а откри нешто повеќе и за плановите и за организацијата на турнирот „Златен гонг“.
– Боксот своите почетоци на територијата на Република Македонија ги бележи некаде од 1903 година. Се смета дека првите боксерски ракавици ги донел доктор што студирал во Швајцарија, а бил битолчанец. Борбите се одржувале по спортските сали, а натпреварувачи биле напредните студенти кои се враќале од студии, како и младинците во Македонија што покажувале интерес за овој спорт. Развојот на боксерскиот спорт во Македонија е поврзан со името на Страхил Андреевски, кој како печалбар бил во Египет, Сирија, Иран и Либија, каде што се запознал со боксерската вештина. Тој бележел успеси во своите настапи, а по враќањето во Македонија почнува со работа на оформување на првите боксерски клубови и собирање на боксерските таленти. Ги обучува и им ја пренесува тајната на вештината. Потоа на нашата територија се појавуваат одлични натпреварувачи.
– „Златен гонг“ сега е турнир од висок ранг, меѓутоа имало моменти кога не бил на препознатливото највисоко ниво. Тоа врвно ниво ќе биде репер за секое негово следно издание и „Златен гонг“ ќе биде репрезент за земјата на боксерската мапа, а боксот како национален спорт ќе ја истакне моќта на нашата нација. На повидок е и формирање регионална лига на која ќе учествуваат боксери од поранешните југословенски републики, меѓу кои и Македонија. Темелите на лигата ќе се постават за време на следниот „Златен гонг“, каде што се поканети (а веќе го потврдија присуството) претставници од регионот, завршува Златков.
Текстот е објавен во рубриката Спорт во 219-от број на неделникот „Република“, кој излезе од печат на 11 ноември 2016 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.