| четврток, 6 декември 2018 |

Истекуваат роковите за доставување на листите, увид во ИС и пријавување на дијаспората за гласање

Утре на полноќ завршува рокот за доставување на кандидатски листи за предвремените парламентарни избори закажани за 11 декември. Политичките партии во јавноста ги објавуваат носителите и листите за шесте изборни единици, но засега ниту една од нив не доставила листи до Државната изборна комисија (ДИК).

Во ДИК очекуваат во текот на утрешниот ден до нив да бидат доставени кандидатските листи за предвремените избори на 11 декември од страна на партиите имајќи предвид дека најчесто учесниците на изборите листите ги доставуваат во крајните рокови.

Кандидатските листи треба да бидат разгледани и потврдени од членовите на ДИК во рок од 48 часа од моментот на доставувањето односно до недела на полноќ. Доколку се констатираат неправилности учесниците во изборите треба да ги отстранат во рок од 48 часа. Жребувањето за редоследот на листите треба да се одржи на 20 ноември.

Истовремено утре на полноќ завршуваат и роковите за јавниот увид во Избирачкиот список, за пријавување на државјаните на Република Македонија за гласање во странство и за обновување на избирачкото право на лицата со спорни записи по последните теренски и административни проверки на Избирачкиот список.

Според последниот пресек на Државната изборна комисија, до денеска до 14 часот пријавени за гласање биле 16.720 македонски државјани кои живеат во странство од кои 14.156 се прифатени, одбиени 208, а во обработка се 2.356.

Во однос на 29.858 спорни записи по последните теренски и административни проверки на Избирачкиот список, за регулирање на избирачкото право  аплицирале 1.043 граѓани. ДИК прифатила 1.005 апликации додека 38 се во обработка. До утре на полноќ е последниот рок овие лица да го регулираат своето избирачко право.

Избирачкиот список ДИК треба да го потпише на 27 ноември.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top