| четврток, 6 декември 2018 |

Во духот на заложбите на Мајка Тереза: Специјално издание за слепите лица кои ќе ја посетат нејзината Спомен-куќа

kancevska-promocija-640x294

Спомен-куќата на Мајка Тереза денеска промовираше каталог-водич на Брајово писмо наменет за слепи и слабовидни лица. Објавен е со поддршка на Министерството за култура и содржи информации за оваа национална установа, како и за животот и хуманата мисија на скопската нобеловка од нејзиното раѓање до канонизацијата на 4 септември годинава. Автори на наративниот текст се Андриана Јелиќ и Цветанка Вучковска.

На промоцијата на специјалното издание министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска рече дека на симболичен начин, во духот на заложбите на Мајка Тереза, им се овозможува на слепите лица да ја осознаат подлабоко големата оставнина на Мајка Тереза, нејзините поучни размисли и благородната мисија.

– Ова е втор проект на Спомен-домот на Мајка Тереза кој им е наменет на лицата со посебни потреби. Минатата година заеднички ја промовиравме и видеопрезентацијата насловена „Тишината раскажува за Мајка Тереза“, преку која на лицата со оштетен слух им се доближија највредните, универзални пораки на Мајка Тереза, рече Канческа-Милевска на промоцијата, на која гостуваа ученици од Државното училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“-Скопје.

Таа истакна дека националните установи од областа на културата со континуирана поддршка од Владата на РМ и Министерството за култура во изминатите години реализирале бројни проекти за  лицата со посебни потреби. Во  2011 година, првпат во Македонија, во НУБ „Св. Климент Охридски” беше отворен библиотечен центар опремен со најсовремени компјутери за читање наменет за слепи и лица со оштетен вид, со што се унапреди процесот на нивната едукација. Во центарот се отпечатени голем број изданија (од антологиите на македонскиот роман, поезија и расказ) на Брајово писмо за кои имало голем интерес кај слепите лица и лицата со оштетен вид.

vodic-tereza

Потсети и на објавениот информативен каталог на Брајова азбука на Музејот на македонската борба, како и на проектот што го реализира Министерството за труд и социјална политика во соработка со Министерството за култура за издавање 400 аудиокниги од домашни и од странски писатели.

За активностите со кои им се помага на оваа категорија граѓани во земјава се заблагодари претседателот на Националниот сојуз на слепи лица Жарко Селковски, кој истакна дека публикацијата што денес се промовира ќе биде од големо значење за нивните членови низ целата држава. Тој предложи каталогот да биде снимен и во звучна форма за да го стават на нивната веб-страница затоа што, како што рече, некои нивни членови подоцна го загубиле видот и не го знаат Брајовото писмо.

Рената Кутера-Здравковска, директор на Спомен-куќата на Мајка Тереза, рече дека и во иднина ќе настојуваат да внесуваат содржини со кои своите активности ќе им ги доближат на лицата со посебни потреби. Информираше и дека минатиот месец Спомен-куќата на Мајка Тереза е избрана од бразилската организација „Ера виртуал“ за бесплатна изработка на виртуелна тура низ музејот. Се работи за проект кој ги презентира меморијалните музеи посветени на личности што може да бидат иснпиративни за децата и младите, како и за лица кои од здравствени причини престојуваат во институции од затворен тип.

– Според најавите на „Ера виртуал“, на почетокот на следната година ова презентација бесплатно ќе биде достапна за посетители од целиот свет, рече Кутера-Здравковска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top