| четврток, 6 декември 2018 |

Лазар Ристовски за „Република“: Да се глумиш себе е невозможно, колку и да изгледа едноставно (видео)

Годинешниот „Синедејс 2016“ нуди филмови што „гравитираат“ во неколку програмски целини: официјална селекција, „Сине Балкан“, гала-програма, музички документарци, ЛГБТ филмови, МК кратки филмови, МК во ЕУ, студентска програма, 101 година од раѓање на Орсон Велс, детска програма и богата придружна програма од работилници и музички настани

Со српскиот филм „Дневникот на машиновозачот“ во режија на Милош Радовиќ, вечерва, 10 ноември, во кино „Милениум“ се отвора Меѓународниот фестивал на европски филм „Синедејс 2016“. На отворањето ќе биде и дел од екипата од филмот меѓу кои и Лазар Ристовски, познатиот српски актер кој ја игра главната улога во филмот.

Ристовски во интервју за „Република“ вели дека секогаш му е посебно задоволство и возбуда кога доаѓа во Македонија.

– Ви благодарам на убавите зборови за добредојде. Мене секогаш ми причинува посебно задоволство и возбуда кога доаѓам во Македонија. Моите корени се од овде. Нашиот филм го обиколи половина свет, па Скопје ми доаѓа како да се враќам дома. Улогата во филмот „Дневникот на машиновозачот“, навистина, е пишувана специјално за мене и тоа беше посебен актерски предизвик. Тоа, на прв поглед личи лесно, но, всушност, тоа е опасна стапица. Бидејќи, да се глумиш себе е невозможно, колку и да изгледа тоа лесно и едноставно. Има тука еден феномен, а тоа е кога ќе се вклучат камерите, ништо веќе не е природно, иако сите токму тогаш сакаат да изгледаат природно. Така што, да се најде тој компромис е преголема задача и за режисерот и за актерот, посебно ако улогата е пишувана за него – вели Ристовски во интервју за „Република“.

unnamed

Мене секогаш ми причинува посебно задоволство и возбуда кога доаѓам во Македонија, вели Ристовски

Годинешниот „Синедејс 2016“ нуди филмови што „гравитираат“ во неколку програмски целини: Официјална селекција, СинеБалкан, Гала-програма, Музички документарни филмови, ЛГБТ филмови, МК-Кратки филмови, МК во ЕУ, Студентска програма, 101 година од раѓање на Орсон Велс, Детска програма и богата придружна програма од работилници и музички настани.

Гала-програмата и оваа година изобилува со врвни режисерски имиња и наградувани филмови на фестивалите во Кан, Сан Себастијан, Венеција, Берлин, Ротердам… Од вкупно 25 филмови во гала-програматa ги издвојуваме: Аве Цезар, Кафе-друштво, Патување на времето: Животно патување, Убавите денови во Аранхуез, Матура, Јас, Даниел Блејк и други.

Во официјалната селекција, меѓу другите, ќе се натпреварува и германскиот филм Тони Ердман, кој е номиниран и за европскиот „Оскар“, а во рамките на  „Сине Балкан“ меѓу другите се  и „Добра жена“ дебитантскиот филм во режија на актерката Мирјана Карановиќ и црногорскиот „Игла под прагот“ во кој игра Никола Ристановски, а музиката е на Тони Китановски.

На 15. „Синедејс“ ќе има и програма на музички документарци,  меѓу кои биографскиот филм за џез-музичарот Мајлс Дејвис во режија на Дон Чидл, потоа  „The Beatles: Eight Days A Week“ на режисерот Рон Хауард и „Gimme Danger“ (филм за Иги Поп) на Џим Џармуш, премиера на „Лимуново дрво“ – документарец на Бранко Радаковиќ за првиот бенд на Милан Младеновиќ.

За затворање на фестивалот ексклузивен настап ќе има музичкото дуо WOODEN WISDOM во кое членува и холивудската суперѕвезда Илајџа Вуд.

Оваа година цената на билет за проекциите во кино „Милениум“ ќе биде 150 денари, со исклучок на филмот на Вуди Ален „Кафе – Друштво“, за кој билетот ќе чини 300 денари. За проекциите во Кино Фросина билетот ќе чини 100 денари, а филомовите од програмата во Џебно кино, Ревија Орсон Велс, Ревија ЛГБТ и Детска програма, ќе бидат бесплатни. И годинава средношколците и студентите ќе имаат попуст од 50 денари за секој купен билет.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top