| четврток, 6 декември 2018 |

Поплави во Албанија, невремето однесе многу животи (ВИДЕО)

Повеќе лица загинаа во поплавите што денеска ја погодија Албанија, по поројните дождови што предизвикаа и оштетувања на патиштата, јави новинската агенција АТА.

Дел од албанските портали соопштуваат дека во поплавите досега загинале три лица, но оваа информација засега не е официјално потврдена.

Во спасувачките акции се ангажирани војската и специјални спасувачки екипи.

Министерството за одбрана соопшти дека во округот Лежа во северот на земјата, се испратени 30 воени лица, шест возила и мали чамци за евакуирање три семејства.

Министерството за одбрана даде наредба за прекин на наставата во училиштата и во градинките, а во зависност од временските услови, Министерството дополнително ќе соопшти дали оваа наредба ќе остане во сила и следните денови.

Автопатот Тирана – Драч, како и неколку други патни правци се блокирани. Многу села се без пристап поради оштетувања на локалните патишта.

Два траекта, поради невремето, имале тешкотии при допловувањето кај Валона, но безбедно се закотвиле на пристаништето.

До 12 часот, количеството врнежи изнесувало 100 милиметри на квадратен метар. Според прогнозите, тие ќе продолжат и утре.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top