Канадската морнарица ги проверува информациите дека крај пацифичкото крајбрежје на земјата можеби е пронајден нуклеарната бомба којашто исчезнала во 1950 година.
Канадските медиуми претходно пишуваа дека во областа на архипелагот Хајда-Гуаи нуркачот Шон Смиричински пронашол некој објект, кој прво го сметал за неидентификуван летачки објект (НЛО). Локалните жители претпоставуваат дека мажот налетал на американската атомска бомба „Mark IV“, којашто е загубена во 1950 година.
Во февруари 1950 година бомбардер од типот „B-36“ на американските воздухопловни сили во споменатиот регион извршувал тренажна мисија. Притоа од непознати причини три од шесте мотори на авионот се запалиле. Екипажот бил принуден да ја откачи бомбата над Тихиот Океан и да го напушти авионот. Според воздухопловните сили на САД, бомбата не била опремена со полнење од плутониум.
По проучувањето на фотографиите од „Mark IV“ кои можат да се најдат на интернет, Смиричински забележал одредена сличност со објектот кој го нашол под водата. За откритието тој го известил министерството за одбрана на Канада, пишува во саботата британски The Guardian.
Армијата ја изразила својата подготвеност да ги испита овие извештаи следните денови и на споменатата локација ќе испрати брод на воено поморските сили на Канада. Експертите, во прв ред, треба да појаснат дали оваа муниција претставува опасност и дали треба да биде извлечена на површината.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.