Српскиот претседател Томислав Николиќ изјави денеска дека е загрижен за животот на премиерот Александар Вучиќ, кој, како што оцени, би можеле да го убијат како неговиот претходник Зоран Ѓинѓиќ.
Тој во интервју за „Курир“ истакна дека никој од безбедносните служби претходно не го информирал Вучиќ дека нешто се подготвува и порача дека е потребно да се знае дали во тие служби постојат странски агенти, кои работат за други служби.
– Секако дека сум загрижен за мојот пријател Александар. Станува збор за претседател на Влада, а мене лично ми е уште поголем проблем што е тој мој пријател, а дека е во опасност разбрал дури кога навистина бил загрозен, нагласи Николиќ.
Според него, оружјето, кое е пронајдено во близина на семејната куќа на премиерот, укажува дека станува збор за обид за негово убиство, бидејќи „зоља е рачен противоклопен ракетен фрлач, а единствено оклопно возило кое минува тука е она во кое се вози Вучиќ“.
Николиќ тврди дека никој од безбедносните служби не го информирал Вучиќ дека барем постои мал сомнеж оти се подготвува оружје, локација…
– И тоа е она што ја вознемирува јавноста, дури и оние кои не го сакаат Александар Вучиќ или преку социјалните мрежи се шегуваат со овој настан. Станува збор за бесмислен обид да се вратиме во 2003 година, кога е убиен Зоран Ѓинѓиќ. Што правела тогаш Србија 13 години ако тоа би можело да се повтори?, прашува српскиот претседател.
Шефот на српската држава побара од безбедносните служби „или да кажат дека се неспособни или за што станува збор“.
Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ, исто така, изрази загриженост, нагласувајќи дека на премиерот Вучиќ му е испратена порака дека му е животот во опасност.
– Работата е многу сериозна и тешка. Треба веднаш да се утврди одговорност, изјави Дачиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.