| четврток, 6 декември 2018 |

Македонско домаќинство троши 100 евра на проститутки, 57 евра на дрога и 21 евро на весници и книги

Македонците за една година потрошиле 53,4 милиони евра на проститутки и уште 32 милиони евра на дрога, пишува „Дневник“. Според трошоците во финалната потрошувачка на домаќинствата, излегува дека едно просечно домаќинство во 2014 година потрошило по речиси 100 евра за проститутки и уште 57 евра за дрога. Споредено со претходните две години излегува дека расте и финалната потрошувачка во овие ставки, но и вкупниот нивен удел во БДП и во потрошувачката на домаќинствата. Ова го покажува последниот извештај на Државниот завод за статистика за домашниот бруто-производ за 2014 година кој ги содржи ревидираните податоци во кои е имплементирана и новата методологија на Европскиот статистички систем со која се прикажани и проценетите приходи од илегалните активности, како што се проституцијата, шверцот и дрогата. Бројките говорат дека приходите од проституција учествуваат со 0,6 отсто во БДП, а наркотиците во 2014 година учествувале со 0,4 отсто во растот на македонската економија. Процентите се повисоки во однос на европските, но далеку од приходите што една Британија, Франција и Холандија ги пресметале во растот на својата економија и каде што се мери во десетици милијарди евра. Според податоците за БДП за трошоците во финалната потрошувачка на домаќинствата, излегува дека едно просечно македонско домаќинство во 2014 година потрошило повеќе пари за проститутки отколку за лекови. Повеќе за проститутки отколку за лекови Според бројките, пред две години вкупниот БДП изнесувал 8,5 милијарди евра, а трошоците во финалната потрошувачка на домаќинствата биле 5,9 милијарди евра. Од нив на проститутки и дрога отпаѓаа 53, односно 32 милиона евра, а на лекови и помагала околу 36 милиони евра. Истовремено, за книги, весници и за магазини се потрошиле помалку од 12 милиони евра, за средношколско образование 10,7 милиони евра, за здравствени услуги надвор од болница 47 милиони евра. Анализата на бројките покажува дека статистички секое просечно домаќинство во земјава потрошило по 97,4 евра за проститутки и 56,8 евра за дрога, а за лекови 64,3 евра годишно. Истовремено, Македонците за книги весници и магазини во 2014 година просечно трошеле по 21 евро по домаќинство, а за средношколско образование по 19 евра. Интересно е дека растат и процентот и проценетите приходи, односно нивното учество во трошоците за финална потрошувачка на домаќинствата. Така во 2012 и 2013 година проституцијата учествувала со 0,8 отсто или 43,5 и 47,3 милиони евра, а во 2014 година учеството е 0,9 отсто или 53,4 милиони евра. Наркотиците во 2012 година учествувале со 0,3 отсто или 18 милиони евра, а во 2013 и 2014 година со 0,5 отсто или 26 и 32 милиона евра. Десетици милијарди евра приходи во Европа На предлог на европското статистичко биро Евростат, покрај силните европски економии како Холандија, Британија и други, и Србите, Хрватите и Бугарите почнаа да го мерат учеството на илегалните активности како приходите од проституција, трговија со дрога и шверц во својот БДП. Сепак, праксата од земјите што работат по оваа методологија досега покажа дека приходите од илегалните активности имаат минимален удел во БДП на тие земји. Така, ако во силните европски земји процентуално во просек е помало учеството на овие активности во БДП и се мери со 0,1 до 0,3 отсто, но во сумата тежи во милијарди евра. И во соседството е помал процентот на учество, но во сума е во износ од стотици милиони евра, а кај нас иако учеството е 0,9 и 0,5 отсто, сепак во БДП е стотина милиони евра.

НАЧИН НА ПРЕСМЕТКА Ваквата методологија уште при воведувањето се правдаше со констатацијата дека БДП не го мери моралот. Според методологијата, процените на приходите од трговија со дрога се базираат на цената на дрогата, запленетите количини од страна на полициите во земјите, а приходите од проституција се темелат на процените на бројот на проститутки, бројот на работни денови, клиентите и просечната цена. Го прашавме Државниот завод за статистика како кај нас се проценети овие приходи и кои базични информации се користени.

Процените се направени во согласност со методите за постигнување сеопфатност на пресметките на домашниот бруто-производ во Македонија. Kористена е и странска експертска помош во рамките на проектите во ДЗС за подобрување на податоците во националните сметки. Извори на податоци врз основа на која се направени процените се информации од непрофитни институции, медиуми и други расположливи податоци од административни извори и истражувања во ДЗС – велат од таму.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top